Министерството за внатрешни работи денеска излезе со остар демант на наводите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека полициски службеници го следат од политички мотиви и подготвуваат негово апсење.
Тој тоа го кажа во неговото синоќешно гостување на ТВ Алфа и апелираше до граѓаните и оние во раководството на патијата да продолжат да се борат ако дојде до такво сценарио. Мицкоски тврдеше дека припадници на специјалната единица на МВР се врткаат околу неговата куќа со изговор дека го набљудуваат училишниот двор.
Од МВР велат дека злоупотребата на оваа институција е карактеристика на ВМРО-ДПМНЕ.
„Злоупотребата на МВР беше карактеристика токму на партијата чиј што претседател е Мицковски и токму поради тоа во изминатите две години во Министерството за внатрешни работи се спроведоа и во тек се реформи кои имаа за цел искоренување на незаконитите дејства. МВР својата работа ја фокусира исклучиво кон сузбивање на сите облици на криминал, користејќи ги законските можности што му стојат на располагање. Ја информираме јавноста и дека на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на негово барање, од минатата година му е доделено обезбедување од припадници на МВР“, пишува во реакцијата на МВР.