Раководството на Секторот за внатрешни работи Тетово, денеска оствари средба во Основното јавно обвинителство Тетово за целосно расчистување на случаите од 3-ти и 4-ти ноември, во кои непосредно биле инволвирани членови на навивачките групи „Војводи“ и „Балисти“ од Тетово.
Како што соопшти МВР, на средбата се координирани активностите за конкретно квалификување на настаните, динамиката и следните чекори, со цел нивно комплетно расветлување и финално заокружување со изготвување на соодветни поднесоци против инволвираните лица.
За овој настан изјава даде и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
-За навивачите кои скандираа националистички пораки во Тетово, во рамки на СВР-Тетово се преземаат мерки и во делот на едната или другата група. Денеска дадовме посебна задача во делот на превенцијата за да работиме со двете навивачки групи. Не смееме да дозволиме нивните конфликти, кои изобилуваат со таков говор на омраза да бидат секојдневие во Република Македонија – рече Спасовски.
На социјалните мрежи вчера беа споделувани видеа на кои се слушаат песни и извици од припадници на навивачката група „Балисти“, каде е забележан говор на омраза и повикување на насилство, по што следело и фрлање со камења и шишиња врз кафуле полно со гости.
Претходниот ден пак, низ улиците на Тетово минале припадници на навивачката група „Војводи, кои славеле 30 години и кои исто така користеле навредливи зборови за време на нивното движење низ улиците.
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија денеска исто така најостро го осуди вчерашниот инцидент во Тетово.
Хелсиншкиот комитет го осуди инцидентот во Тетово, бара казни за сторителите за говор на омраза