На руската социјална мрежа синоќа „ВКонтакте“ под псевдонимот „Илија Громовник“ синоќа одекна уште една „бомба“ што е петта по ред аудио снимка која се објавува од овој профил во временски интервал од околу еден месец. Засега, надлежните се немоќни да го казнат оној кој стои зад овие незаконски активности забранети со Законот за заштита на приватноста во 2015, бидејќи сѐ уште не му го знаат идентитетот.
– Jавното обвинителство во координација со МВР ги следи сите информации поврзани со објавените снимки. По напатствија на Основното јавно обвинителство Скопје, МВР како овластен орган за откривање на сторителите на кривични дела продолжува да презема мерки и активности заради утврдување на идентитетот на сопственикот на наведениот профил на кој беа објавени снимките. Откако идентитетот ќе биде утврден и ќе бидат обезбедени релевантни докази, МВР ќе го извести обвинителството за да преземе кривичен прогон – велат од обвинителството за Плусинфо.
Во вчерашната „бомба“ станува збор за разговор на пратеникот од владејачкото мнозинство, Павле Богоевски, а на профилот на „Илија Громовник“ пишува дека моменталната локација му е Будимпешта. Анонимецот најави и други снимки, наведувајќи дека вчерашната е само прва од новиот сет „бомби“.
За автентичноста на гласот и содржината предмалку се огласи и Богоевски кој рече дека точно е оти гласот е негов, но оти не нарачува кокаин како што било посочено туку масло од канабис за негова блиска болна личност.
На 18 април на истата социјална мрежа и на истиот профил, беа објавени четири разговори, а наредниот ден на „Јутуб“ осамнаа уште две.
Од СЈО,и тогаш и сега, велат дека ќе ги анализираат содржините на овие материјали, но тврдат дека нема никакви шанси тие да протекле откај нив.
Аудио-снимки на Интернет се објавуваа и порано, а од СЈО изминатите години вршеа претреси за да пронајдат нови „бомби“ кои се наоѓаат на „слободниот пазар“. И пронајдоа, дури над 100.000 фајлови, како што се споменува во еден од шестмесечните извештаи кои редовно ги објавува специјалната обвинителка Катица Јанева.
На 5 април годинава, пак, на трибина во Прилеп, јавно беа пуштани аудио-снимки, а настанот се пренесуваше во живо на Фејсбук. На тоа видео, како говорник можеше да се забележи Љупчо Палевски. Тој и уште две други лица од Прилеп и од Битола, тогаш беа задржани во прилепската полиција, а МВР најави и кривични пријави за неовластено прислушување и тонско снимање.
Денеска, од обвинителството за настанот во Прилеп велат дека прилепското обвинителство веќе постапува, одземени се материјали кои во моментов се на вештачење.