Ма каква идеологија, глас бараат со упаљачи и на жими мајка!

3691

Во партии кај нас одат луѓе од три причини:

1. Очекуваат партијата да ги вработи.

2. Партијата веќе ги вработила, но немаат “решение за стално” па треба да и се оддолжат за да го добијат.

3. Очекуваат тендери и ангажмани за нивната компанија од партијата кога ќе дојде на власт, ако се бизнисмени. Во меѓувреме, ги финансираат нејзините активности.

Тоа е сѐ што треба да знаете за партискиот ангажман на граѓаните во нашата тажна држава. И тоа е она што е поразително и што не дава надеж дека во партиите има здраво ткиво кое ја разбира суштината на политичкото делување, а за некаква идеологија и да не зборуваме.

Еве, нека направат интерни анкети и во СДСМ и во ВМРО и нека го прашаат членството што значи и што пропагира социјалдемократијата (или социјалната демократија како нејзин претходник) како концепт, од кога потекнува, кои се најзначајните идеолози, кои се најголемите придобивки за општествата кога социјалдемократската опција управува со нив.

Или, што пропагира националната (конзервативна) опција, кои предности и недостатоци ги има, кои се нејзини идеолози, кои се најсветлите примери на држави управувани од конзервативци.

Нека набројат и едните и другите познати историски ликови кои ја застапувале нивната идеологија и што тие промовирале како концепт и како вредност.

Откако ќе се направи ваква статистика и ќе се сумираат бројките, можеме да зборуваме за политичка идеологија и за здрави политички партии, сочинети од самосвесни индивидуалци кои знаат како треба и што треба да прават за да ги промовираат позитивните аспекти на политиките кои ги застапуваат.

Сѐ додека не се случи тоа, ќе нѐ мава промаја (површност) и ќе ни се случува по врати да ни доаѓаат голобради момци и девојки кои ќе делат упаљачи и брошури, а нема да знаат да одговорат на ниедно прашање, ниту пак ќе ја разбираат суштината на тоа што го застапуваат и промовираат.

И ќе бараат глас на жими мајка.

(ФБ статус на авторот)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...