Еве и тоа се случи. Власта потпомогната од гласови од пратеници на тврдокорната опозиција на големиот ден петок во лето 2018 ширум го отвори македонскиот пат кон долгосонуваната и долгоочекуваната Европа. Поетски опеано, се распукна карпата на историјата, се отвори теснец низ кој Македонците се провлекоа кон ветената земја, кон напредокот, кон цивилизацијата.
Одлуката на парламентарците кореспондира со одлуката на референдумот, таа ја одразува народната волја да се случи ваков датум кој заслужува да се слави и да се споменува. Со оваа одлука почнуваат да се разбиваат добропознатите балканско-македонски нерационалности, ирационалности, мистификации, хиперболи, хипокризии, балканизми и балканизации, фрустрации, македонски голготи и неотсонувани илузии за Македонија-центар на светот, и се друго што стоеше како голема пречка за зачекорување на републикава кон цивилизираните европски простори. Сето ова сега мора да остане назад, во сеќавањето.
Со одлуката на Парламентот на Република Македонија процесот за европеизација отпочна. Тоа сега бара од македонскиот дух и практика да се прориентираат во претставите за себе. Тие ќе бидат соочени со предизвици кои досега само парцијално се пројавуваа во македонското искуство, но не беа доволни за пресврт во нашиот живот и труд. Во амбиентот на демократското живеење и пазарната економија нема многу место за архаичности, анахронизми, па и за претстави и постапки кои се од ризницата на тнр. „замрзната историја”. Сето тоа останува во минатото, во легендите и митовите, во историскиот континуитет кој, со европската определба на македонските граѓани, нив ги воведува, од маргинализираните Европски општества, во друштвото на „оние кои одлучуваат за другите”.
Овој датум, истовремено, го поместува списокот и редоследот на новите јунаци на Македонија и на македонското „долго патување кон светлините на животот”, кон комплексот наречен современа, модерна човечка егзистенција. На врвот на таа листа историјата со право го котира името на Зоран Заев, човекот кој храбро и мудро, заедно со својата верна екипа, го носеше целиот товар за заздравување на заробената и девастирана земја од минатата фашистичка власт и, во исто време, го насочи македонското општество кон евроатлантските интеграции. Влезе (влегоа) впишан со златни букви во исторскиот летопис на македонската република. Што би рекол великиот Његош: Имао је зашта се и родити…
Големината на одлуката на парламентарците е и во тоа што со неа се спаси образот на македонскиот човечки простор. Отпорите за приклучување кон евроатлантските интеграции веќе добиваа лош колорит кој претеше да ја прикаже македонската држава како несериозна и нестабилна, која има или отпор или пак не ги прифаќа новите реалности на евроатлантскиот простор. Прашањето со што евентуално би можел да се замени проектот НАТО и ЕУ, неговите противници го оставија неодговорено. Според некои аналитичари идејата на противниците беше, наместо во ЕУ, за РМ би било поидеално решение таа да се вклопи во тнр. евроазиски политички простор. Донесената одлука го спаси македонскиот образ пред ЕУ и светот. Остана да живее претставата за нас како за цивилизиран европски ориентиран народ. Голема работа е што со таков позитивен имиџ влегуваме во друштвото на европските народи.
Македонците ја пренасочија сопствената историја покажувајќи голема храброст, мудрост и упорност со таквиот епохален судбински потез. Но тие тоа не го направија со насилно корнење и ништење на историскиот континуитет, туку со едноставна одлука земјата да ја внесат во нормалното течение на општествените процеси кон цивилизациските дострели на земјите на континентот на кој РМ природно припаѓа, во Европа и Западната цивилизација. Грандиозноста на чинот ќе ги обезоружи и оние кои немаа сенс за епохалниот миг на новото време за РМ. Треба да им се каже онака Исусхристовски дека не знаеле што прават, освен што се обиделе безуспешно да ја запрат неумитната логиката на времето. Но, граѓаните застанаа на страната на вистината. Тие гласно испратија порака низ пространствата на опстојот на народите со кратка содржина: Да е благословен новиот ден и новото руво, да биде „Маќедоња вечна”, ама ЕВРОПСКА.