Педесет години по светската, мајска, студентска револуција од 1968 година, во Македонија никој не чувствува потреба дури ни да го спомне овој „златен“ јубилеј. Нашето денешно општество е потонато во анестезијата на тековните животни проблеми, низ кои филозофијата на „Купи ден, помини!“ е главниот рецепт за опстанок. Акцентот е на зборот „купи“, бидејќи, во меѓувреме, парите, сфатени како цел, а не како средство, се единствениот идеал што го движат денешниот свет напред.
Насловот на овој текст е позајмен од мојата несигурна меморија, бидејќи мислам дека го имав негде прочитано пред 20-30 години, кога се одбележуваа тогашните јубилеи за 1968-та. Тогаш ми се виде релевантен. Денеска ми се чини уште поточен.
Пред 50 години на улиците на Париз, а потоа и во разни други земји во Европа, се бараа образовни реформи, работничко самоуправување, децентрализација на моќта, автономија на универзитетите, а во политичка смисла се спроведуваше жив експеримент за своевидна утописка негација на реалноста… Денес, пак, низ многу европски престолнини, на улиците често се бара протерување на мигрантите и забрана за „инаквите“, повторно подигање на паднатите европски граници, се бара работа, ред и дисциплина, се бара тврда гаранција за реалноста.
Впрочем, деновиве, еден од водачите на француските студентски протести, Даниел-Кон Бендит, запрашан во што е разликата меѓу тогаш и денес, вели дека „во 1968 ние не се плашевме за иднината“. Сега речиси и да нема некој што не е уплашен за иднината. Некогашното „Бидете реални, барајте го невозможното!“, денеска е претворено во „Бидете реални, и ова што го имате можете лесно да го загубите!“
Што е право, идеите на 68-та беа натопени и од духот на парискиот лев брег на Сена, во 5-иот и 6-иот арондисман, оној дел од Париз преполн со театри, кафеа, кина, места за спектакли и опуштеност; каде на тротоарите пред Кафе де Флор и кај ривалскиот, Ле Ду Маго, во Сен-Жермен-де-Пре, во шеесеттите и многу пред тоа се собираше француската и светската лева и крајно лева, либерална, уметничко-политичка интелектуална елита, од Сартр и де Бовоар, до Ками, Пикасо, Брехт и стотици други…
Сакам да кажам, протестите во 1968 беа, ако сакате, и еден вид на радикална интелектуална и уметничка форма, плус и една задоцнета, пост-воена артикулација на еден марксистички револт на Француската комунистичка партија и нејзините симпатизери против француската индустријализација и буржоазијата која не се претргна во спротивставувањата на хитлеризмот две-три децении пред тоа.
А потоа, во неколку недели, како шумски пожар во нискостеблеста шума, младешките протести се раширија речиси низ цела Европа, од Прашката Пролет, до протестите во тогашната југословенска престолнина, Белград.
Денес енергијата на Макрон и тој негов, сепак, центро-левичарски популизам, еден вид на француска верзија на пропаднатиот британски тони-блеровски „Трет пат“, потсетува на некои „стари вина“ од „подрумите“ на 1968… Од друга страна, пак, некои француски автори деновиве со право предупредуваат дека и самиот Макрон не е имун на деголистичкото, вертикално сфаќање на моќта, каде претседателот на Републиката се гледа како Татко на Нацијата, а моќта се спушта од горе, надолу.
И, каква е нашата денешна врска со идеите и енергиите на 1968 во Франција?
Па, не би било претерување, во тој контекст, да се влезе во анализа на идеите и енергијата на „Шарената револуција“… Но, веднаш потоа, нешто друго ми паѓа на памет што има врска со Франција, а нема врска со 1968: фактот што овде сè уште умираат деца од туберкулоза и на породување, како во романите на Балзак!
Извор: Цивил медиа