По жестоките реакции во јавноста за лошите услови во кои живее мајмунчето Лука во Зоолошката градина во Битола, се огласи директорот на скопската Зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски, кој рече дека донел одлука Лука да биде вратен во Скопје.
„Пред извесно време во Скопје ЗОО имавме сугестии од странските ментори да го преселиме мајмунчето Лука некаде каде што ќе живее во заедница, бидејќи во Скопје требаше да остане сам. Затоа, одлучивме да оди во Битола на некој период. После вчерашните слики од некои граѓани на Битола видов дека не може да живее таму и денес со мојот тим одлучивме Лука да биде вратен во Скопје. ЗОО Скопје секогаш ќе биде спремна за помош на битолската зоолошка, но и тамошните власти треба да најдат решенија и да створат услови за нормален живот на сите животни, бидејќи зоолошките во европа и светот постојат за едукација и за да ги заштитат и да се грижат за опстанок на ретките видови на животни. Кон тоа се стремиме и ние“, напиша Галетановски на Фејсбук.
Малечкото мајмунче Лука беше напуштено од својата мајка, па поради тоа, чуварите од Зоолошката градина во Скопје го зедоа под своја заштита и го опсипуваа со љубов и нега.
И така беше сè до денот кога го одведоа Лука во Битола, кога тој целосно го промени својот изглед и расположение. За среќа, Лука набрзо ќе се врати во својот дом во Скопје.