Страотната приказна за драматичното спасување на момчето од врелиот автомобил доаѓа од англиското место Сафрон Валден во близина на Кембриџ. Во саботата попладне додека пред трговскиот центар одел по паркингот, минувач слушнал врескање и плачење на дете од заклучаното возило, јавува „Дејли мејл“.
Кога му се приближил на еден џип оставен на силно сонце и температура на воздухот над 25 степени, го здогледал расплаканото бебе заклучено во врелиот автомобил.
Не се двоумел, туку веднаш ги повикал дежурните служби за да го извлечат 18-месечното момче од џипот, кое преживувало вистинска агонија.
Набрзо пристигнале пожарникарите кои го скршиле предното стакло на вратата за да го извлечат детето кое било заклучано и оставено со сите кренати прозорци на автомобилот.
Тие заклучиле дека детето се „варело“ подолго од еден час според податоците на влезната картица на паркингот на трговскиот центар оставена на контролната плоча на џипот.
Од трговскиот центар неколкупати преку разглас ги повикале родителите на оставеното момче. Кога мајката која за рака држела малку постаро дете конечно се појавила, сè веќе било готово, а според изјавите на сведоците, таа не покажала никакви емоции туку била бесна на пожарникарите, бидејќи го скршиле стаклото на нејзиниот џип.
FOTO: Saffron Walden Fire Station/Fejsbuk/Printskrin