Мајка на дете убиено кај Смилковско: Иако беа мртви, цела ноќ им течеа солзи од очите

Таткото на едно од убиените деца, бара премиерот Заев да го исполни ветувањето и да ги каже петте телефонски броеви на функционерите од ДУИ, како и да се изврши претрес во седиштето на СДСМ и Заев стражарно да се приведе и да се донесе во судот за да се соочи со родителите.

8806

Родителите на жртвите од петкратното убиство кај Смилковско езеро на денешното рочиште за случајот „Монструм“ побараа да се обратат пред Судот, пред обвинителите и пред новинарите и упатија заеднички барања. Зборуваа мајката и таткото на едно од убиените момчиња Александар Наќевски, Зорица и Горан.

Мајката побара судот и јавното обвинителство да ја утврдат улогата на обвинетите – дали се поврзани во настанот како директни извршители или помагачи. Да ја утврди природата на пораките на петте функционери на ДУИ. Да се насочи кон утврдување на двајцата НН сторители кои се посочени од заштитениот сведок, но не се опфатени со истрагата зашто биле недостапни за органите на прогонот.

– Тука веќе се слуша гласот меѓу Фејзи Азири и НН лицето: „Вечерва сонував еден многу лош сон. Сонував еден сон како да му ги врзаа рацете на момчето и плачев па си велев да не не се израдувам, да не не го завршам тој никавец“ – цитираше мајката транскрипт од разговорот.

Таа побара и да им го вратат телефонот на нивниот син бидејќи е многу важен.

– Нашите деца во четврток се убиени, во петок се донесени дома. Беа со отворени очи. Во петокот цела ноќ, до саботата попладне, кога ги погребавме, им течеа солзи. Сите кои си поигруваат со нашите деца да се плашат од тие солзи – рече мајката Зорица.

Да се обрати под целосна кривична и морална одговорност побара и таткото на Александар, Горан Наќевски.

– Јас, Наќевски Горан, изјавувам дека кога бевме кај премиерот Зоран Заев како што знае целокупната јавност почитуваниот премиер Заев ни вети дека ќе ни ги даде имињата на петте функционери на ДУИ чии телефонски броеви се чуваат како државна тајна – рече таткото.

Тој додаде дека Заев им покажал транскрипт од разговор меѓу обвинетиот Фејзи Азири и поранешниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта.

– Како што знае јавноста од политички причини, по неговото ветување да ни ги даде петте телефонски броеви на функционерите од ДУИ кои се државна тајна, не го исполни ветувањето. Сметаме дека во моментот во седиштето на СДСМ се наоѓаат тие материјали. Бараме претрес да се изврши, бидејќи сметаме дека Заев со истите манипулира и уценува. Бараме и да нѐ соочите со Заев ако може и сега ќе чекаме до 12 часот, стражарно да го доведете и да се соочиме тука пред вас и обвинителите со него – рече таткото.

Тој кажа и дека Заев им рекол оти автомобилот „опел вектра“ со кој наводно се превезувале извршителите е на МВР.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...