Мајка и син изработуваат мартинки за германски дневници

892

Мајка и син изработуваат мартинки и заработуваат германски дневници во Бугарија. Ги сретнавме сосема случајно крај тезга во бугарскиот град Перник, за време на големиот меѓународен карневал под маски. Овој пат, продаваа рачно изработени кукери, страшни маски за кои се верува дека бркаат лоши духови.

– Прва година ги правам кукерите, ми се допадна идејата и одлучив да ја применам во реалноста. Правам и мартинки, кои добро се продаваат секоја година – ни рече Станислава Василева.

За да ги направи кукерите, потребни ѝ се кожа, рогови и некои други материјали.

Според неа, може да се живее од ваквите рачни изработки.

Уште малку и доаѓа сезоната за мартинки, кога тие масовно се купуваат и врзуваат за среќа. Василева во текот на целата година изработува мартинки од бел и црвен конец, за во третиот месец од годината да ги продава во Велинград, Варна, Стара Загора и на други места во Бугарија.

На прашањето колку мартинки прави во една година, триесет и двегодишната жена одговори оти се многу и не ги брои.

– Секој може да си го најде своето место, со било каква работа, само треба да се има желба и марифет – додаде Василева, која се пофали и дека прави и торти.

Најскапиот кукер чини осумнаесет лева или девет евра, а за да го направи, на оваа талентирана жена ѝ е потребен само половина час. Ја задевавме дека за половина час, девет евра дневница, нема ниту во Германија.

Нејзиниот 13-годишен син, Иван Иванов, седеше на студеното во доцните попладневни часови, помагајќи ѝ на мајка си да ги продаде изработените дела.

– Прв пат правам кукери, а правам и мартинки. Не мислам оти е тешко да се направат. Сакам да помогнам за да заработиме повеќе пари – рече Иванов и додаде оти со џепарлакот сака да си купи слатки работи, но и да излезе да прошета со другарите.

И тој и неговата мајка започнале со рачно правење на мартинки од осумгодишна возраст.

Иванов ветува дека ќе продолжи да ѝ помага на својата мајка и покрај студот и дека ќе ги продава убавите предмети направени од човечка рака.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...