Двете деца, кои синоќа биле заборавени во автомобил „алфа“ во населбата Аеродром се во добра општа состојба, а мајката веднаш по приемот дојде и беше со нив на одделот. Тие беа лесно дехидрирани, што не било последица на престојот во автомобилот, дојдоа во извалкани алишта и нечисти, а не можеме прецизно да кажеме колку време престојувале сами заклучени во возилото пред да бидат извлечени, изјави д-р Весна Мицевска, педијатар на Клиниката за детски болести.
Таа ги прегледала 7-годишната сестричка и 4 годишното братче, кои синоќа преживеале вистинска драма откако останале сами и заклучени во возилото, но имале среќа да бидат спасени од станарите во зградата кои повикале полиција и Брза помош.
Лекарите не кажаа каде ќе бидат однесени децата по отпуштањето од болница – дали кај мајката или грижата за нив ќе ја преземе Центарот за социјални работи.
Најголемата енигма – каде биле родителите – почна да се отплеткува. Според Пресс24, таткото ги оставил децата за да оди на забава на празникот Голема Богородица, а тие во меѓувреме се разбудиле од спиење и плачеле, до состојба на дехидрирање. За среќа, ги забележале други дечиња од населбата кои ги повикале своите родители на помош. Очевидци велат дека веднаш била повикана Брза помош која ги однела децата во болница. Полицијата го привела таткото од забавата на која бил, додека мајката, кога дошла во полиција силно викала. Други портали пренесуваат дека родителите биле разведени, а таткото требало да ги чува децата токму тој ден.
Д-р Мицевска предупредува дека овие состојби – оставање дете во заклучено возило – можат да бидат фатални.
– Доаѓа до претопленост на организмот, која доведува до дехидратација, а при малку подолг престој и до влошување на здравствената состојба. Но, не можеме да кажеме точно за колку време ќе се случи влошување на состојбата на детето кое е оставено во возило – тоа зависи од времетраењето, температурата и други фактори – додава д-р Мицевска.
Траги на насилство врз децата немало. Полицијата ќе утврдува зошто децата биле оставени сами во возилото.