Мајката на убиениот Џејмс Булгер била згрозена од тоа што филм за децата кои го убиле нејзиниот син во 1993 година е номиниран за Оскар, пренесува „Би-Би-Си“.
– Не можам да опишам колку сум згрозена и тажна што овој филм се снимаше и сега е номиниран за Оскар – напишала таа на Твитер.
Филмот е во режија на Винсент Ламбе од Ирска, кој претходно и се извинил на Денис Фергус што не и кажал за филмот и што можеби тој ја растажил.
Во филмот се опишани моментите пред и откако десетгодишните Роберт Томпсон и Џон Венаблес го зеле Џејмс од шопинг центар, како и нивните интервјуа со полицијата.
Повеќе од 90.000 луѓе потпишале петиција пред номинациите со цел Оскарите да го дисквалификуваат 30-минутниот филм.
– Им велам на луѓето да бојкотираат, мислам дека не требаше да биде направен филмот, посебно бидејќи родителите на Џејмс не беа консултирани – изјавила претходно мајката.
Фергус барала поголеми казни за убијците на нејзиниот син, кои биле осудени на минимум осум години.
– Не очекувам родителите да го прифатат филмот кој ги прикажува момчињата како човечни, но се надевам ќе ја разберат причината поради која е направен, а сигурно тоа не е за да им нанесе болка ним. Причината зошто филмот е направен е да се обиде да прикаже како овие 10-годишни момчиња можеле да направат такво ужасно злосторство, бидејќи сметам дека ако не ја разбереме причината, би можело ова повторно да се случи во иднина – рекол Ламбе.
Тој додал оти никој од продукцијата на филмот не планирал да профитира.
ФОТО: Винсент Ламбе / Би-Би-Си (Децата актери кои ги глумат убијците на момчето)