Маја ги чува срцата од планините што ги искачила (ФОТО)

223

Планинарката Маја Бошкоска има необично хоби, собира камчиња кои наликуваат на срце, од планините и планинските врвови кои ги посетува. Нејзината уникатна колекција никого не остава рамнодушен. Таа за „Плусинфо“ изјави дека во моментов има повеќе од педесет камчиња, а нејзините пријатели со воодушевување ги разгледуваат и аплаудираат на нејзината посветеност.

– Активно планинарам девет години. Многу врвови имам искачено, за најголем успех го сметам тоа што го искачив врвот Аконкагва во Аргентина, Јужна Америка. И од таму земав камче во вид на срце – вели Бошкоска.

Таа додаде дека не може да најде камчиња на секој врв, бидејќи некаде има снег или слично, па тогаш зема каменче од блиската околина.

– На секоја планина каде што одам, без разлика дали прв пат или не, ако видам камче во облик на срце, го земам. Без разлика на тежината, имам некои поголеми камења -објаснува планинарката.

Прво почнала да собира секакви камчиња, само од врвови.

– Нема врска дали е камче, дали облаче, дали некоја сенка, остатоци од снег или езеро, често забележувам форми на срце. Имам голема љубов кон природата – со многу љубов кон планинарењето – појаснува Бошкоска.

Таа вели дека има сретнато луѓе што собираат камчиња од врвови, но не запознала никој што е колекционер на камчиња од планини и планински врвови, во вид на срце.

На прашањето дали има легенда за некое од камчињата, Бошкоска одговори оти самата си ја прави легендата. Иако, како што нагласи, секое камче си има своја приказна – само кога би можело да зборува.

Младата девојка е навистина интересна и заслужува внимание, како со успесите во планинарењето, така и со атрактивната колекција на камчиња. Па иако понекогаш кога ќе се каже срце од камен се мисли на нешто студено, во овој случај камчињата на Маја во вид на срце, навистина ја топлат душата. И ве обзема милина додека ги гледате. А секој што ќе ги погледне, веќе има своја приказна за нив.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...