Бебе тешко 5.700 грама и долго 55 см се родило во февруари на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, а тоа е досега најголемото новороденче родено во државата.
– Бебето е машко и е спонтано родено, а не со царски рез. Лекарскиот тим на ГАК изврши породување на второротка, а очекувавме дека е крупен плодот, па затоа подготвивме и операциона сала за евентуален царски рез, бидејќи и првото дете е крупно родено. Но мајката убаво соработуваше со тимот, а беа добри и нејзините карлични мерки, па проценивме дека во дадениот момент е можно вагинално породување. Пациентката беше крајно подготвена и имаше огромна желба со спонтано породување да го роди бебето. Тоа и се случи, и тоа релативно брзо и на обострано задоволство и на родилката и на лекарскиот тим што ја породуваше. Плодот е во добра кондиција, со Апгар 8/9, а навистина е реткост да се роди бебе потешко од 5 килограми – изјави д-р Адела Поп Стефанија, гинеколог на Клиниката и раководителка на одделот за патолошка бременост.
Семејството кое во февруари ја доби приновата живее во Скопје.