Мафиози, пробисвети и криминалци

Можеме, како што почнав, јавно, јасно и гласно да ги набројуваме криминалите не само на главешините на претходната власт, туку и на оние кои ги следеа нивните наредби. Слепо, беспоговорно, крајно поданички, целосно клиентелистички!

668

За нештата да бидат појасни, треба да се имаат на ум зборовите на г-динот Нацевски (Бошко) кој јасно вели дека ние, во принцип, немаме работа со идеолошки противници и/или интелектуалци, туку со мафиози, пробисвети и криминалци. Токму тоа се, и ништо друго, оние 10-20 илјади, или можеби дупло повеќе, бившорежимски бараби во јавната администрација, и не само таму, кои сѐ уште ги уживаат сите граѓански благодети, вклучувајќи и плати од парите на македонските даночни обврзници. И точно тоа и, условно да речеме, ништо друго не е проблем во оваа јавна администрација, вклучувајќи ја тука и културата која пак себеси не сака ни да се гледа како дел од тоа – демек како јавна администрација – туку како нешто посебно, привилегирано, ама особено неотчетно, неодговорно, нетранспарентно … што ќе рече како нешто што не подлежи на овоземните закони во државава. А впрочем, токму така и се однесуваа(т) поедини персони во македонската култура изминатава година, вклучувајќи ја тука и фантазмагоричната желба на ороводецот на упадот во Собранието на 27 април да пее на годинешниве Мајски оперски вечери. И, веројатно, му дозволиле, нели? И после – Цацко ни е виновен? Или можеби Грците? (За Албанците муабет да не правиме, тие се дежурни виновници, како што впрочем ни „сугерираа“ едни „креативни“ сестри, миленички на пуфлата!). Ако/кога македонската култура не може, не умее, или не сака самата да се справи со чирот во нејзиното ткиво, со гнојот што ја контаминира однатре и ги убива и здравите млади, нови клетки, тогаш со тоа ќе мора, за жал, да се бави некој друг. А нема друг освен државата со нејзините одбранбени казнено – поправни и превентивни механизми што ѝ стојат на располагање.

Но, ние, денес и тука, се соочуваме со друг, безмалу невиден во праксата проблем, а тоа е одбивањето – отворено или прикриено, сеедно – на сите односно единствените компетентни фактори да се справат со очебијниот проблем. Не велам дека тоа справување е или би било лесно. Напротив. Но тоа се обврски, па и жртви што секоја нормална – освен нашата – држава мора да ги исполни. Освен ако, се разбира, не мислиме дека една таква важна област како културата треба да биде целосно контаминирана и превземена од оние мафиози, пробисвети и криминалци од почетокот на текстот. А богами, со последните случувања, натаму одиме. Као – кој ја есапи културата за сериозна државна работа. Таа е добра само како ресор за трампа, како мечкини или волчји кожи во минатото. Можеби во вакви држави тоа е така, ама кога таа култура ѝ се удира од главата на државата, мноооогу боли. Тоа го почувствувале некои претходни власти. Затоа, мора да се има предвид дека нема ама баш никаква разлика помеѓу спомнатите категории (мафиози, пробисвети и криминалци) и нивните пандани во културата. Ама баш никаква, без оглед колку оние наши актуелни пробисветски братства и сестринства, и не само тие, продавале пуфки околу нивната наводна национална опција. Тие на тоа не мислат, ниту ги интересира. Некој ќе каже – и не треба да ги интересира. Добро, ама зошто тогаш бараат пари од овие даночни обврзници? Зошто не ги бараат во Њујорк, во Брисел, во Париз или Истанбул?

А, впрочем, пред законот, ако добро паметам, нема никаква разлика ни помеѓу извршителот на злосторството и соучесникот во истото. Е сега, кај нас, можеби е прашање на пропорции, односно егзактни бројки колку има директни извршители а колку соучесници (на еден или на друг начин) во злосторствата против македонската култура. Но и тоа се утврдува низ процесот на селекција, или ревизија, ама ние никако да го почнеме тој процес. Кој што процес тукушто започна. Оттука и прашањето: кому, директно или индиректно, му пречи отворањето на тој процес (и) во културата? Или, ако сакате, која е, и каква е, имено, разликата помеѓу набавката на оној maybach што чини околу 600.000 евра и исто толку, но често и многу повеќе, пари фрлени за еден „филм“? А кај одделни мафиози, пробисвети и криминалци таквите зделки течеа континуирано, секоја или секоја втора година! И тоа им го овозможуваше никој друг туку криминогената јавна администрација во културата и т.н. културни работници. И секогаш имаше за сите по нешто: за големите многу, вреќи пари, за помалите – малку, некое патување во странство, подароче вакво или онакво, некое ситно задоволство … Кога би ги собрале сите културни буџети во изминатата деценија на една страна и она што со таа планина пари било направено како културен производ од страна на македонската „култура“ и „уметност“, дури тогаш би можеле да ги согледаме вистинските димензии на културниот злостор во државава. Иако, за умни луѓе, и „Скопје 2014“ е сосема доволно!

Впрочем, токму затоа многумина велат дека во изминатава година не се направи најважното (ама барем се започна) – токму правото и правдата односно казната за големите и малку помалите криминалци кои ја запустија оваа земја и нејзината култура, наука, образование, здравство, економија до границите на вистинска катастрофа и невиден во македонската историја грабеж на државен имот. И да, некои од најголемите сега се влечкаат по судови, таму каде што им е местото. Ама многумина, па и јас, говориме за ордите шти ги следеа, што беспоговорно ги слушаа и ги спроведуваа нивните наредби. На пример, оние кои половина град Скопје го избришаа од листата на заштитено културно наследство а на негово место впишаа кичерски стиропорни градби за потсмев во целиот цивилизиран свет. Говорам за злосторства од такви димензии кои ја чинат оваа држава не само углед и пари туку и историја, идентитет, традиција. Или она мегаломанско злосторство на Плаошник, започнато прво со неказнетото уривање на остатоците од џамијата на Имарет? И за тоа ли требаат дополнителни докази кога таму не само што сѐ уште стојат монструозните градби туку уште и се гради?! А инспираторите, креаторите и реализаторите и понатаму се на државна плата?! И тоа ли се сака да се заташка?

Или, на пример, онаа која бараше ноќ на долгите ножеви, сега продолжува како факултетски наставен „кадар“? Ќе ги подучува студентите на – што, на кратката историја на победата на нацизмот во Германија? Или некој сака да игра на картата на заборавот? Ама токму тие забораваат дека младите, студентите, беа тие кои први ги почнаа протестите во државава против криминалната банда. А тие, богами, ќе паметат уште долго. Прашање е како ние можеме да им помогнеме. Можеме. На пример, можеме, како што почнав, јавно, јасно и гласно да ги набројуваме криминалите не само на главешините на претходната власт, туку и на оние кои ги следеа нивните наредби. Слепо, беспоговорно, крајно поданички, целосно клиентелистички!

Извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...