Матичните лекари одат во пензија без никаква најава, пациентите „бакнуваат“ врати

Произлегува ниту еден матичен не може да ги одјави во Фондот пациентите 30 дена пред пензионирање, бидејќи, во тој случај, нема да добие ниту плата за тој месец, па ќе нема ниту заработка, ниту да ги плати трошоците.

790

Пациенти од Скопје реагираат дека дел од матичните лекари си заминуваат во пензија без никаква најава, па тие наидуваат на затворени ординации кога одат по рецепти или на преглед. Секој матичен лекар треба еден месец пред да замине во пензија или ако има други промени, да ги информира пациентите, стои во Договорот за работа со Фондот за здравство.

Скопјанка раскажува:

– Мајка ми отиде по рецепти во поликлиниката во Ченто, но ординацијата била затворена поради пензионирање на матичната докторка. Немало ни нејзина замена, а никој за тоа не информирал претходно, па мајка ми мораше да побара друг матичен. Барем навреме нека кажат кога ординациите остануваат без лекар, за да си најдеме друг. Како што тргнало, се чини дека навистина многу лекари си заминуваат од земјава, кога еден матичен не може да најде некој што би работел на негово место пред тој да се пензионира.

Од Здружението на приватни лекари на РМ објаснуваат дека често имаат вакви ситуации.

– Со последните вработувања од Министерството за здравство дури 90 доктори ќе се повлечат од примарното здравство и тие побараа во секунда отказ да добијат. Дел од нив кришум си конкурирале за специјализации и даваат откази во ординациите каде што биле вработени. Еве токму и колешката која работеше со мене, сега заминува на специјализација за семејна медицина. Во тој момент, никој не може да биде порано информиран, иако Фондот за здравство со договорот ги обврзува матичните лекари 30 дена пред да заминат или да одат во пензија, да ги информираат пациентите за промената. Секој лекар кој може, тоа треба да го почитува. Но сѐ се случува, имаме и колеги кои ненадејно умираат и пред да дочекаат пензија, па пациентите не знаат дека останале без матичен, кој тогаш да ги информира? – вели д-р Лили Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението.

Таа појаснува дека, фактички, произлегува ниту еден матичен не може да ги одјави во Фондот пациентите 30 дена пред пензионирање, бидејќи, во тој случај, нема да добие ниту плата за тој месец, па ќе нема ниту заработка, ниту за да ги плати трошоците.

Ако лекарот им најави дека ќе си оди, дел од пациентите може и веднаш да си го земат картонот и да се префрлат кај друг, а Фондот ќе ја избрише капитацијата за тој месец. Произлегува дека сѐ е поврзано со парите, а ова мора да се регулира и да не биде на штета ниту на пациентите, ниту пак на лекарите.

Само во Велес има пет вакви случаи на матични лекари кои од примарното здравство заминале на специјализација.

За овие недоразбирања помеѓу пациентите и лекарите да се надминат, од  Здружението предлагаат да има преоден период од еден месец.

– Тој рок треба да е и кога лекарот е уште на работа, а и 30 дена потоа да може медицинската сестра која останува да ги информира пациентите за промената, или некој друг да ја преземе оваа обврска, бидејќи досега повеќето обврски се адресираат кај матичниот, како што се и вакцините против грип, за што реагиравме. А има најразлични ситуации – дел од пациентите менуваат телефони, дел се мажат, па менуваат податоци. А прашањето е дали докторот, кој треба да работи со пациентите и тој месец, или треба по цел ден да се јавува на 900 или и на повеќе од 1.000 телефони, за да ги информира пациентите дека си заминува – додава д-р Чолакова Дервишова.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...