Матичните лекари не сакаат по работа да итаат и во Брза помош

377
20150730 Thursday 1017 brza pomos itna pomos bolnica doktori doktor klinika

Матичните лекари не сакаат да дежураат во службите за Брза помош во оние градови каде недостигаат лекари, реагираат од Здружението на приватни лекари.

По Кочани и Неготино, оваа новина, според најавите од Министерството за здравство, ќе се спроведува и во другите градови во земјата, односно, секаде каде што недостигаат лекари во оваа служба.

– Прво, Фондот за здравство да ги искористи ресурсите од здравствените домови – од службите за вакцинација, трудова, училишна медицина, како што наложува и Правилникот, па дури потоа да бара други решенија. Како може лекар дење да работи во ординација, а ноќе да дежура во Брза помош? Проблемот е што половина од матичните лекари работат сами и тоа двократно, бидејќи нема доволно лекари. Па   како по цел ден двократна работа, при што се прегледуваат и повеќе од 100 пациенти, лекарот ќе дежура и навечер, а, потоа, наредниот ден да продолжи да ги прегледува матичните пациенти?! Се знае дека дека на секој доктор кој дежура, му следуваат два слободни дена, според Законот за работни односи, кој се однесува и на лекарите од Брза Помош – вели д-р Лили Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на РМ.

Таа додава дека ова здружение со години без проблем ги организира викенд-дежурствата на матичните лекари (општи и педијатри) во поликлиниките во здравствените домови во Скопје, како и во Струмица. А во другите градови дежураат екипи од Здравствените домови.

– Ние треба овој човечки ресурс – матичните лекари, кој е столб на здравственмот систем во земјата да го чуваме. Тие се првата одбрана на системот, која мора да биде стабилна. Ако некој треба да прегледа и по 200 пациенти во еден ден, тешко е дека нема да направи ниедна грешка. Ние досега ги прифативме сите реформи кои со наши пари ги спроведуваме, сега државата треба да покаже разбирање – нагласува д-р Чолакова Дервишова.

Од Министерството за здравство појаснуваат дека матичните лекари имаат обврска според Договорите да укажуваат 24-часовна здравствена заштита, а не само до 20 часот.

Според најавите на министерот за здравство, Венко Филипче, можно е воведување јавно приватно партнерство во Брзата помош и во домашна посета, но за ова да се воведе, прво ќе се почекаат резултатите од студијата. Доколку таа покаже дека за исти пари е можно да функционира Брзата помош, ќе следи јавна дебата за можно  јавно-приватно партнерство во овие два сегменти.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...