Марк или сенаторите – кој победи во Сенатот?

Немојте ние да му пресудуваме само затоа што не знаеме како да се оттргнеме од Facebook.

2160

Подвоената личност психологијата ја детектира преку постоењето на две или повеќе „јас“ во една личност. Оваа состојба во поново време најдобро можевме да ја видиме во дел од коментарите за време на сведочењето на основачот на Facebook, Марк Закерберг, пред Сенатот на САД. Можевме да прочитаме коментари од типот „ве молам затворете го Facebook“ или „ова ‘ѓубре’ од платформа не смее да се користи“. Во превод, првото мое „јас“ користи Facebook, а второто мое „јас“ преку истата мрежа бара таа да се забрани?!

Би сакал да потсетам дека секој од нас кој постојано очекува само од некој друг да го заштити и да му ја гарантира приватноста, потајно се стреми кон социјализам. Било кој од нас кој очекува само од државата да му најде пазар, пласмани, плати за вработените, тој/таа навива да се врати комунизмот. И тоа е во ред, секој има право на свое мислење и став во каков систем сака да живее, но проблемот е што на тој начин целосно сме го промашиле времето во кое живееме.

Еве зошто:

Во денешно време или во овој свет си постои точна граница до каде државата или институциите во светот можат и треба да ја регулираат приватноста, а од каде почнува нашата и само нашата одговорност. Еве еден најпрост пример. Ако Facebook ги дал без ваша дозвола или неовластено вашите податоци на трето лице, тогаш е виновен и ќе одговара согласно законите и регулативите. Но, доколку, преку својот профил на Facebook, вие постојано објавувате информации и фотографии за тоа каде сте, каде се движите, во кој период сте на одмор или кој е бројот на вашиот телефон или кредитна картичка, тогаш вината е само ваша. Во никој случај на медиумот кој ви отстапил простор и ви дал слобода да се изразите.

Ситуацијата, пак, со Кембриџ аналитика е прилично јасна. Постои случај во кој се смета дека се злоупотребени лични податоци на повеќе од 70 милиони корисници на Facebook. Во превод, на толку луѓе им е „украден“ дел од идентитетот и според тврдењата, злоупотребуван за политичка манипулација.

Платформата преку која се случило ова е Facebook, па затоа основачот Марк Закерберг деновиве се најде на „жешкото столче“, одговарајќи на најтешки прашања пред сенаторите, но пред сè, пред очите на целата домашна и светска јавност. Имаше најразлични прашања, дел беа точно фокусирани на поентите, дел „јаваа“ на бранот на стравовите на граѓаните, но заедничко за сите е дека беа тешки и навистина неопходни да се прашаат и да се добие одговор.

И тоа е добро и потребно и уште толку ја зацврстува демократијата. Јасно укажува на секого дека нема да се толерираат злоупотреби, ниту дека ќе има „недопирливи“ меѓу оние кои наштетиле на другите. Макар имале и милијарди. А, само за потсетување, ова е второ сведочење на Марк. Првиот пат седна на „жешкото столче“ на темата за лажните вести.

Можеме слободно да заклучиме дека саморегулацијата потфрли. Изминативе поголеми и помали случаи покажаа дека за гарантирање на приватноста на социјалните медиуми е потребна поголема национална и меѓународна регулација. Но, секогаш мора да се внимава која било регулација во интернет просторот да продолжи недвосмислено да го гарантира правото на слободно изразување, но истовремено и да стимулира понатамошен технолошки раст, напредок и реална конкуренција во која ќе победуваат најдобрите и најкреативните. И во овој дел е повеќе од неопходна соработка помеѓу законодавците и претставниците на социјалните медиуми и тоа само со единствена цел – да се заштитат правата и приватноста на секој интернет корисник!

Една изрека која често сакаме да ја цитираме вели дека светот останува на младите. А, Марк е млад. И успешен. И многу богат. А, пред само 15 години бил како и секој друг студент на факултет. Но, поради тоа што успеал и се издвоил, во изминатата деценија создал многу „непријатели“ и конкуренција која е нормално сега да посакува и прави сè за да го бутне од врвот. Односно, да го лови на секоја грешка. И ако навистина погрешил, ќе одговара. Тоа е демократија, но и заштита на пазарната економија преку спречување на злоупотреби и нелојална конкуренција.

Но, немојте ние да му пресудуваме само затоа што не знаеме како да се оттргнеме од Facebook. Бидејќи, факт е дека кај некого создава зависност, но Facebook не е штетен како цигарите. Бројките и статистиката говорат дека не можеме без Facebook, но тој не влијае штетно врз нас како зависноста од алкохол и цигари… Барем тоа досега не е докажано.

Затоа, ако не ви се допаѓа Facebook, избришете го од листата на ваши апликации. Ако имате замена за него, користете друг социјален медиум.

И ајде конечно некој од нас нека измисли нешто ново и револуционерно како што беше Facebook пред 15 години. Бидејќи, нели, сите се сложуваме дека „светот останува на младите“?

(Авторот е специјалист за односи со јавност и нови медиуми)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...