Маркетот „ДМ“ веќе нема да продава пластични кеси

Министерството за животна средина доставило предлог Закон за управување со пакување и отпад од пакување, во кој што како што рече Макрадули, има навистина амбициозни нацинални цели.

688

Компанијата „ДМ“ од наредната недела, 21 октомври, целосно ќе прекине да ги продава еднократните пластични кеси во сите 16 дрогерии во земјава. Целта, како што посочи на денешната прес-конференција менаџерот на продажба, Биљана Миленовиќ, е средината во која живееме да ја направиме здраво место за сите нас.

Таа појасни дека на своите купувачи компанијата ќе им понуди хартиени кеси или торби од органски памук како долгорочно алтернативно решение.

Според неа, со укинување на продажбата на пластичните кеси, „ДМ“ како прва компанија која презема ваков чекор во земјава, станува пример за одржливо и одговорно однесување кон животната средина.

– Пластичните кеси за една употреба се навистина тешко наследство за планетата Земја. Според експертските тврдења, процесот на разградба на овие кеси трае и до повеќе векови. При тоа, оваа пластика не само што ја гледаме како тепих на морињата, истата се разградува на микроскопски честички што се високо загрозувачки за животните и за растенијата – истакна Миленковиќ.

Одлуката, додаде таа, е дел од општиот стратешки правец на „ДМ“ како компанија, која настојува во сите сегменти на своето работење да делува општествено одговорно.

Миленковиќ ги повикува сите купувачи со носење на сопствена повеќекратна торба да дадат свој придонес во зачувувањето на животната средина за идните генерации. Таа додаде и дека компанијата на своите купувачи ќе им понуди еколошки алтернативни решенија за транспорт на купените производи, како што се хартиени кеси, повеќекратни торби и трајна „ДМ“ торба од 100 проценти органски памук.

– Со купување памучна торба, купувачите добиваат доживотна гаранција во нашите дрогерии, што подразбира дека доколку торбата се оштети и искине, истата ќе може бесплатно да биде заменета во која било „ДМ“ дрогерија. Во текот на октомври и ноември оваа година, на нашите купувачи ќе им овозможиме да ја набават својата памучна торба од 100 проценти органски памук за цел живот по цена од само еден денар – истакна Миленковиќ.

На истата прес-конференција, заменик министерот за животна средина Јани Макрадули изјави дека за овој потег компанијата ја има поддршката од Министерството за животна средина и просторно планирање, истакнувајќи дека само со амбициозни цели можеме да се справиме со горливи проблеми.

– За жал, во нашата држава во процесот на генерирање на стакленички гасови, отпадот е на второ место после индустријата, и ако сакаме да ги намалиме емисиите на стакленички гасови согласно Парискиот договор и согласно барањата од климатските самити, ние мораме да се справиме со изворите на загадување и од овој тип, како што се платичните кеси – рече Макрадули.

Тој информира дека МЖСПП во консултативен процес доставило предлог Закон за управување со пакување и отпад од пакување, во кој што како што рече, има навистина амбициозни нацинални цели.

– Ова мораме да го направиме и со Закон како во некои земји, затоа Министерството за животна средина и просторно планирање во консултативен процес го пушти предлог Законот за управување со пакување и отпад од пакување. Во 2021 година да стигнеме до 55 проценти на собирање, селекција и рециклирање на отпадот од пакување, а во 2030 да стигнеме до рециклирање на 50 отсто од пластиката – истакна заменик министерот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...