Шефот на македонскиот технички тим за преговори со ЕУ, Бојан Маричиќ, кој деновиве престојува во Брисел во рамките на техничкиот скрининг процес со Европската Комисија, за МИА вели дека Европската Комисија и земјите членки треба да бидат свесни дека имплементацијата на важен дел од Преспанскиот договор е поврзан со отпочнувањето на преговорите со ЕУ.
Евентуалното неотворање преговори би можел да го доведе во прашање спроведувањето на спогодбата со Грција.
– Во Договорот од Преспа постојат два вида на транзиција во промената на користење на називите, за меѓународна и за домашна употреба. Во делот на меѓународната употреба е јасно, дека таа започнува веднаш и трае пет години, таа е таа техничка транзиција. Политичката транзиција е врзана за внатрешната употреба на имињата и терминологиите и таа е врзана со временски рок од пет години од почетокот на секое поглавје, од областа на поглавјето. Да речеме за конкуренција, од почетокот на поглавје па пет години понатаму имаме време да си ги усогласиме сите термини во таа област со новото име и новите терминологии, така што часовникот почнува да отчукува пет години тогаш кога ќе се отвори определено поглавје. Затоа е во интерес и на нас и на Грција и на ЕУ да се отвораат поглавјата побрзо за да динамиката на спроведување биде поефикасна – вели Маричиќ.