„Кругот на пријатели“ на унгарскиот премиер Виктор Орбан посредно ја финансира кампањата на опозициската Словенечка демократска партија (СДС) на поранешниот премиер Јанез Јанша, за парламентарните избори в недела, објави мариборскиот весник „Вечер“.
Весникот тврди дека медиумите блиски до СДС уште пред официјалниот почеток на кампањата добиле „финансиска инјекција“ од Унгарија во износ од „нешто помалку од 800.000 евра“.
Според весникот, таа финансиска поддршка дошла од „кругови блиски“ на Орбан, како што се унгарските медиумски компании „Модерн Медија Груп“, „Рипост Медија“ и „Ридикул Магазин“.
Секоја од овие компании минатото лето купила по 15 отсто од акциите на словенечката комерцијална телевизија „Новатв24.си“, чии основачи се членови и прврзаници на партијата на Јанша, се наведува во написот. Според истиот извор, основачите на телевизијата имаат сопственички удел и во други компании, кои важат за блиски до Јанша.
„Вечер“ тврди дека поседува документи кои потврдуваат дека сопственикот на унгарскиот провладиниот таблоид „Рипост“, Петер Шхач, во април годинава ја докапитализирал својата компанија во Словенија, „Обзорја“, со 380.000 евра. „Обзорја“ е издавач на словенечкиот неделник „Демокрација“, кој важи за близок до СДС.
Според весникот, на сличен начин и унгарската државјанка Агнес Адамник со 403.000 евра ја докапитализирала својата фирма во Словенија. „Вечер“ наведува дека Адамник важи за припадничка на политичките кругови блиски до Орбан.
Мариборскиот весник тврди дека Адамник и Шхач работат „на ширење на влијанието на Орбан во околните земји“, посочувајќи и дека во Македонија финансирале медуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ:
„Вечер“ потсетува и дека неодамна на предизборен митниг на Јанша се обратиле и самиот Орбан и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицевски.