Американското филмско студио „Марвел“ најави десет нови филмови на годинашната конвенција посветена на стрипот „Комик-кон“ во Сан Диего. Опкружен со многубројни холивудски ѕвезди, директорот на компанијата, Кевин Фејџ, ја објави листата со филмови на „постодмазничката ера“, што ќе излезат до 2021 година.
Едно од најголемите изненадувања е дека оскаровецот Махершала Али ќе го глуми ловецот на вампири Блејд, кој во филмот од 1998 година го глумеше Весли Снајпс.
Натали Портман потврди дека ќе се врати во четвртото продолжение на филмот за Тор – „Thor: Love and Thunder“. Таа повторно ќе ја глуми Џејн Фостер, но овојпат обдарена со моќта од чеканот на Тор.
Најавен е и филмот „Eternals“ во кој глумат Анџелина Џоли и Селма Хаек. На публиката ѝ беше откриено дека ќе се снима и првиот филм за азиско-американскиот суперхерој Шанг – Чи. По повеќемесечен кастинг, главната улога му е доделена на канадскиот актер Симу Лиу. Шанг-Чи, кој има татко Кинез и мајка Американка, првпат се појави во стриповите на „Марвел“ пред речиси 50 години.
Натаму, „Марвел“ конечно објави и детали за долгоочекуваната „Црна вдовица” – Скарлет Јохансон како Наташа Романо, филм којшто е веќе во фаза на снимање.
FOTO: Printskrin