Мапа на која се маркирани сите локации каде може да се селектира стакло, хартија или пластика изработи компанијата Пакомак за контејнерите за рециклирање да станат подостапни до граѓаните.
Во моментов, посочуваат од компанијата, на мапата се одбележани само локациите на кои има контејнери за стакло во Скопје и контејнери за хартија во Струмица, но се работи на нејзино комплетирање.
Во тек е зацврстување на дел од контејнерите, бидејќи голем дел од нив, по самото поставување се уништени од неформалните собирачи на отпад. Затоа, велат од компанијата, се внимава со одбележувањето на локациите на мапата, за да не се случи на мапа да го има, а контејнерот да не постои во реалноста.
Од компанијата истакнуваат дека поставуваат зелени контејнери за рециклирање на стакло, во контејнерите со сина боја се одложува хартијата, а во жолтите пластика и лименки. Ги има во десетина градови низ Македонија, а најчесто се поставуваат во соработка со комуналните претпријатија. Во периодот што следи мапата ќе се ажурира со точните локации на контејнерите за селектирање различен вид отпад низ целата држава – наведуваат од компанијата.