МАН: Заканата кон новинарите е јасна и директна

Со пресудата за затворска казна од 6 месеци за новинарот Александар Митевски, уредник на порталот Инфомакс, судско-обвинителскиот систем ја потврди оценката дека во земјата владее хибриден режим, реагира Македонска асоцијација на новинари (МАН).

222

Денес Македонија се соочи со исклучително силен удар врз новинарската професија, јавниот интерес и основното граѓанско право да се знае вистината за работата на јавните институции, за корупцијата на политичарите и севкупниот судско-обвинителски систем. Со пресудата за затворска казна од 6 месеци за новинарот Александар Митевски, уредник на порталот Инфомакс, судско-обвинителскиот систем ја потврди оценката дека во земјата владее хибриден режим, реагира Македонска асоцијација на новинари (МАН).

„Митовски е осуден на затворска казна од шест месеци затоа што објавил документ од јавното обвинителството кој е денес во јавна постапка пред судот во случајот “Рекет“. Документот не е со статус ниту на државна ниту службена тајна. Зошто е толку важен тој документ, тој исказ на сведок за „Рекет“ кој се крие од јавноста, за да се објави а денес обвинителството преку одлука на судот да казни новинар со шест месеци затвор, единствена таква казна во Европа. Затоа што јавното обвинителство со недели тврдеше дека во сведочењата за “Рекет“ не се спомнуваат политичари, исказот на сведокот кој го објави уредникот Александар Митевски го покажа – сосема спротивното“, се наведува во соопштението.

МАН додаде дека во објавениот документ, сведочењето, се спомнуваат политичари почнувајќи од поранешниот премиер Зоран Заев до повеќе негови блиски соработници од власта.

„Тој објавен документ покажа и докажа дека Јавното обвинителство свесно крие учество во „Рекет“ на премиер и негови блиски соработници. Затоа не смееше да биде објавен, а откако се објави новинарот е осуден на шест месеци затвор како поука до другите новинари дека не смеаат никогаш да напишат ништо што е штетно за оваа власт, за овие обвинители и судии. Заканата е сосема јасна и директна. Од оваа закана на власта и обвинителството и судството кои, очигледно се во служба на една партија, на СДСМ, не е само закана за новинарството, туку и за целата јавност која не смее да ги знае фактите и вистината, јавност која после ова мора да живее во лага и пропаганда на власта затоа што доколку некој има што да каже и објави, ќе биде осуден на затворска казна“, соопшти новинарската асоцијација.

МАН порача дека јавноста треба да знае: новинарите имаат што да кажат, имаат и информации, и сведоци и документи но – не смеат тоа да го објават. Оваа стварност која ја креира пропагандата на власта не е вистина, вистината е скриена кај обвинителите и судиите.

„За оваа режимска и скандалозна одлука на Судот, МАН ги извести Меѓународната и Европската федерација на новинари. За сите следни чекори кои ќе ги преземеме, јавноста ќе биде навремено известена“, велат од МАН.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...