Манчевски – Царовска: Квалитетни јавни услуги достапни до сите граѓани

84

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, се обратија на министерската конференција што се одржува во Маракеш, Мароко, во рамки на меѓународниот форум за јавна администрација на тема: “Трансформирање на власта за остварување на целите за одржлив развој”, во организација на Обединетите Нации.

Министерот Манчевски и министерката Царовска, зборуваа за обезбедувањето на јавни услуги достапни за сите граѓани. На овој начин, потсетувајќи на заложбите за доближување на услугите што јавната администрација ги нуди, до граѓаните, го одбележаа и Меѓународниот ден на јавните услуги.

Министерот Манчевски се осврна на клучните принципи по кои се води Владата во своето работење, а тие се транспарентност и инклузивност во креирањето на политики и дигитализација на администрацијата.

– Во изминатата година презедовме голем број мерки и активности, во правец на вклучување на сите засегнати страни во започнатите процеси како и целосно информирање на јавноста за превземените активности. Во тој правец, беше одлуката за се зголеми бројот на денови за коменитрање на ЕНЕР, од 10 на 20 дена, со цел оставање на поголем простор за вклучување на граѓанските организации, академијата, бизнис заедницата и граѓаните при донесувањето на нови закони, измени на закони…Пример за вклучувањето на сите засегнати страни во креирањето на политики е изработката на сите стратегии на кои работеше и работи МИОА во моментов. Тоа се Стратегијата за реформа во јавната администрација, стратегијата за широкопојасен интернет, за отворени податоци и за сајбер безбедност – истакна министерот Манчевски.

Што се однесува на зголемување на квалитетот и достапноста на јавните услуги, министерот Манчевски информираше за националниот портал за е-услуги, проектот „“Една точка за услуги“ и проектот за креирање на електронски идентитет на граѓаните.

– Сите овие проекти имаат една цел, а тоа е преку можностите што ги нуди дигитализацијата да ги донесеме услугите до граѓаните. Да го подобриме квалитетот и сликата за јавната администрација, како сервис во служба на граѓаните. Само кога граѓаните ќе ги имаат сите информации за работењето на институциите и ќе бидат вклучени во сите процеси, саом тогаш ќе имаме политики и мерки кои одговараат на потребите на сите граѓани – заклучи министерот Манчевски.

Министерката Царовска зборуваше за заложбите и активностите на министерството за труд и социјална политика во однос на пристапноста до јавните услуги за сите категории на граѓани.

– Оваа Влада е целосно посветена на остварување на Целите за оддржлив развој. Наша крајна цел е да изградиме хумано општество на просперитет и благостојба за сите граѓани и никој да не биде изоставен. Само со обезбедување на добри услови за живот, достоинствен приход и квалитетни услуги, може да се надеваме на одржлив развој. Работиме интензивно на проширување ма мрежата на градинки, особено во руралните средини, воведување нови услуги на локално ниво како персонална асистенција, пилотирање на младинската гаранција и целосно реформирање на системот за социјална заштита – рече Царовска.

Министерката се осврна и на родовата еднаквост како клучен предуслов за равој на еднакво и демократко општество.

– Родовата еднаквост е моја лична заложба и програмска цел на Владата на Република Македонија. Преземавме значајни чекори во насока на искоренување на сиромаштијата кај жените. Со промена на законот за минимална плата се намалува разликата во платите меѓу мажите и жените. Ја ратификуваме Истанбулската конвенција за борба и заштита од сите видови на насилство врз жените и семејното насилство – рече министерката.

.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...