Денеска е ден за сатира, за смеење и малку да се пошегуваме за да најдеме некое друго значење на она со што се занимаваме и го правиме секој ден. Ова го истакна министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски пред официјалното отворање на Вевчанскиот карневал.
Пред официјалното дефиле на кое се очекува да се претстават над 1.000 поединечни и групни маски на вевчанските василичари, но и на учесници од земјава и странство, Манчевски очекува дека политичарите ќе бидат дел од настанот претставени на сатиричен начин.
– Сигурен сум дека ние политичарите ќе бидеме предмет на критика денеска и едвај чекам да видам што имаат подготвено вевчанци и василичарите со своите маски. Денеска сигурен сум дека тука ќе се смеам, ама знам дека вечер сигурно ќе се замислам. И ова е дел од критиката и нормално е власта да биде критикувана. Тоа е демократија и затоа е власта за да биде критикувана, а критиката може да направи само подобра власт. Ако не треба да биде сменета – изјави Манчевски.
Градоначалникот на Вевчани Сашо Јанкоски уште еднаш потсети дека локалната самоуправа не учествува во изборот на маските и оти тие ги дознаваат за време на дефилето.
– Ние не учествуваме во изборот на маски, можеме само да апелираме. Немаме увид во што ќе бидат маскирани василичарите – рече Јанкоски.
Тој информира дека имало голема посетеност на синоќешниот концерт каде настапија „Архангел“, Неша од групата „ Галија“, Културно уметнички работници и ди џеј Рутбој.
– И на минус 12 степени Архангел и Неша од групата Галија ја кренаа атмосферата. Посетеноста беше голема и забавата помина во одлична атмосфера, рече Јанкоски.
Угостителите и сместувачките капацитети во Вевчани се полни, а вевчанци и гостите денеска ќе уживаат во театарот на отворено.