Владата не размислува да го отвори прашањето за менување или донесување нов Закон за медиуми, но ќе поддржи таков процес ако медиумските работници се одлучат за таков процес. Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на денешната прес- конференција на која ги претстави стратегијата и акцискиот план за отворено општестов, рече дека за ова прашање треба да решат медиумите, а владата ќе ги поддржи во тоа.
– Прво треба да видиме која е потребата за менување на овој закон. Би ја охрабрил, повикал, па и замолил медиумската фела да организира една јавна дебата за овој закон сама. Ние сме тука да дадеме простор и да обазбедиме механизми за се што ќе се договорат во медиумската фела. Нема да инсистираме за ништо и во никаква насока. Ние имаме ставови и мислења за тоа, но нема да инсистираме на нив, туку би ги кажале на дебатата. сметам дека е пресериозно прашањето за кое има и поделени мислења и затоа не би инсистирале. Ние нема да ја организираме дебатата за ова прашање, но ако медиумите одлучат да организираат само само ќе ги слушнеме мислењата – рече Манчевски.
Тој потсети дека единствената расправа која била организирана за потребата за отворање на Законот за медиуми, која завршила многу лошо.
– Знаете јас тогаш не можев да ја напуштам седницата – рече Манчевски.
Говорејќи за застојот во донесувањето на Законот за аудио и аудиовизулени услуги, Манчевски рече дека главен виновник за тоа е сегашниот состав на Програмскиот совет на МРТВ, за кој ВМРО-ДПМНЕ инсистира да го заврши мандатот.
– Затоа повторно ги повикувам членовите Програмскиот совет на МРТВ, ако навистина се независни и ако знаат дека поради нив е запрен процесот на донесување на законот самите да си дадат оставка. Меѓутоа молкот од нивна страна укажува на се. Тоа значи уште неколку години да нема промени на Законот – рече Манчевски.