Во Европскиот месец на сајбер безбедност, кога ќе погледнам назад, навистина сум задоволен од постигнатото изминатава година. Особено што успехот постигнат во оваа област беше нотиран и од Европската Комисија, рече министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на отворањето на регионалната конференција на тема: „Сајбер безбедност: Соработка и размена на информации“, во организација на АЕК и Канцеларијата на ОБСЕ во Македонија.
Како што истакна тој, на работниот состанок во Подгорица, што се одржа вчера, повторно беше разговарано за можноста и спремноста на Македонија, да биде домаќин на првата регионална Акдемија за сајбер безбедност. Поддршката за оваа идеја Македонија има како и од земјите од регионот, така и од еврокомесарката за дигитална економија и општество Мариа Габриел.
– Сајбер безбедноста не е само ИТ-тема. Од тука, за гарантирање на безбедноста соработката е клучна. Во наредниот период особено внимание ќе посветиме и на зајакнување на соработката меѓу приватниот и јавниот сектор со подигнување на едно ново, партнерско ниво. Соработката со приватниот сектор ќе овозможи безбедна средина за размена на информации, истражување и развој. Обезбедувањето на безбедна инфраструктура за размена на информации ќе го стимулира претприемништвото, а со тоа ќе ја поддржи конкурентноста на сите домашни компании и ќе ги заштити нивните инвестиции – заклучи министерот Манчевски.
На отворањето на конференцијата се обратија и заменик-амбасадорот на Кацеларијата на ОБСЕ во Македонија, Џеф Голдстеин и директорот на АЕК, Сашо Димитријоски.