Манчевски: ВМРО-ДПМНЕ го кочи законот за медиуми ВИДЕО

145

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски апелира собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија, со која претседава ВМРО-ДПМНЕ, да работи без престан и секојдневно се додека не заврши амандманската расправа за Предлог законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, и ја повикува опозицијата да заборави на тесните партиски игри и да го стави интересот на граѓаните на прво место.

– Не сме против дебата за амандманите, но треба да заврши во разумно време. Претениците од ВМРО-ДПМНЕ се против јавна расправа, односно јавно претставување на кандидатите за членови на Програмскиот совет на МРТ и на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги – рече Манчевски на денешната прес-конференција во Владата и додаде дека прават сѐ само да продолжи мандатот на актуелните раководства во МРТ и АВМУ од кои голем дел се партиски членови и сегашни и поранешни високи партиски функционери во ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи дека веќе четири месеци опозицијата со бескрајни дебати по однос на поднесените амндмани го кочи усвојувањето на законот за медиуми.

– Се одржаа само шест седници на Комисијата на кои успеавме да поминеме само седум амандмани, а ни остануваат уште 67. Со оваа динамика законот ќе биде усвоен за 2,5 години од сега – рече Манчевски.

Тој нагласи дека е уште позагрижувачка содржината на амандаманите. Во измените, посочи, се предлага задолжителната програма на МРТ од домашна продукција да се намали од сегашните 50 на 40 отсто, а во амандманите ВМРО-ДПМНЕ бара и намалување и зголемување и предлага да биде од 30 до 70 отсто во седум различни амандмани.

– Македонија е веќе препознаена како светла точка со реформите кои ги правиме во медиумската сфера. Тоа мораме заедно и сите да го оправдаме. Нема да дозволиме Македонија никогаш повеќе да биде оценета како неслободна држава каде медиумите работат под притисок, уцени и страв. Регулаторните тела и особено Националниот радиодифузер и медиумите треба да се остават на медиумските работници. Во тоа силно веруваме и нема да се откажеме од таа цел – рече Манчевски и нагласи дека еднаш и за секогаш политиката мора да ги тргне своите раце од медиумите, а токму новиот закон е шанса за тоа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...