Собранието на МАНУ на денешната седница усвои Повелба за македонскиот јазик во која ги изнесува научно признатите факти за македонскиот јазик, како и улогата на Академијата во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик во домашни и во меѓународни рамки.
Повелбата, како што соопшти МАНУ, ги зацврстува ставовите на Академијата за потребата од засилена и континуирана поддршка на научните истражувања на македонскиот јазик и македонските дијалекти, водејќи се од строго научни начела.
„На тој начин, МАНУ ја истакнува својата определба дека најдобра заштита на македонскиот јазик е создавање услови за остварување на неговата улога на значаен фактор на општествената и културната интеграција во државата. Тоа е единствено можно преку систематско и координирано научно проучување и обработка на македонскиот јазик на сите нивоа, како во домашни, така и во меѓународни рамки“, се вели во соопштението.
Повелбата за македонскиот јазик, се додава во соопштението, ја истакнува законската и статутарната обврска на МАНУ да ја остварува координативната и обединувачка улога во однос на приоритетните и фундаменталните научни истражувања на македонскиот јазик со другите научноистражувачки и високообразовни установи.