Мантијашко дивеење!

Секако дека митрополитот Серафим не им кажа на костурчани за поморите од походите на официална Атина од државниот проект за систематско историско, демографско и културно обезличување на делот од етничка Македонија, што по балканските војни го заграби и го смести во постојните граници на грчката држава.

1317

Митрополитот Серафим, од Костур, на протестот за одбрана на „грчкоста на Македонија”, пред костурчани порача дека за Македонија и „каемења ќе јадат”.

Македонија била една и тоа Грчка, се прозевал митрополитот и притоа се повикувал на „патриотското дело” на Каравангелис и Павлос Мелас, познатите грчки главосечи, кои, своевремено ги изведуваа вандалските масакри во егејскиот дел на Македонија врз македоското домородно население, убивајќи, палејќи, прогонувајќи…

Хистеријата демонстрирана на протестите од пред неколк дена, не е ниту малку спонтан чин на изблик на емоциите, со до дрскост изразен национализам, иредентизам и антагонизам. Што се однесува до уделот на мантијашите, тој е со подолга и срамно антицивилизациска предисторија.

По укинувањето на Оридската архиепископија во 1767 година, што е подмолен продукт на Грчката црква, нејзиното свештенство го започнало ретко видениот уништувачки поход врз македонските црковни светилишта, со цел да се искоренат неговите прастари белези на старословенството. Палење и разграбување на книжнината. Уништување на црковните реликвии. Сквернавење на иконостасното богатство. Ископаничвање на пишаните старословенски знаци од ѕидовите на древните црковни храмови. А манастирите, од црковни светилишта биле претворани во објекти за развратнички живот на високосвештенскиот дел од грчките црковници, од чии дивеења, останале мноштво пишани сведоштва.

Секако дека митрополитот Серафим не им кажа на костурчани за поморите од походите на официална Атина од државниот проект за систематско историско, демографско и културно обезличување на делот од етничка Македонија, што по балканските војни го заграби и го смести во постојните граници на грчката држава.

За прогонот на македонското автохтоно, домородно население. За насилната селидба на македонските деца по туѓински светови. За промената на имињата на селата и градовите и сите топоними од окупираната Егејска или Беломорска Македонија. За забраната македонското населеие, во „колевката на демократиата” да зборува на мајчиниот јазик. За Абецедарот – букварот што по налог на Дрштвото на народите беше отпечатен во третата деценија од минатиот век за Македончињата во Грција да учат на мајчиниот македонски јазик, за потоа експресно да биде уништен. За претворањето на детските градинки и училишта во инкубатори за погрчување на младото македонско поколение, кое, иако геноцидно десеткувано, остана да живее на прадедовската земја. За размената на населението од договорот со Турција, кога Грција преку Босфорот на Турција и ги испорачуваше како „Турци” Македонците со исламска вероисповед, а за возврат населбите во егејскиот дел на Македонија ги полнеше со увезените таканаречени Маџири.

Или, митрополитот заборави да потсети на она што остана запишано во старите тефтери дека во тој дел од етничка Македонија, вклчително и во Солун, катастарски (таписки) имотите, главно им припаѓаа на Турците, Евреите и Македонците…

На митрополитот Серафим, најсоответно би било да му се порача – грчките национал-шовинисти од мантијашки ков, се разбира, по нивни сопствен избор, нека продолжат да „јадат камења”, како што тој мошне колоритно се изјаснува, за ,,нивната,, Македонија, но нека престанат да ја задоволуваат својата канибалска стрвост и незаситност во настојвањата да проголтаат еден народ, една цивилизација,една историја, една култура, една држава!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...