Манекенка ја доеше ќерката на писта

Голем број корисници на социјалните мрежи ѝ упатиле негативни, грозни, скандалозни и полни со омраза коментари, додека мал бил бројот на оние што овој потег го сметале за инспиративен

609

Манекенката Мара Мартин неодамна во златен костим за капење прошета по модната писта во Мајами со петмесечното бебе. А, тоа дефинитивно не беше обична модна ревија. Имено, манекенката ја доеше ќерка си во текот на ревијата за костими за капење „Спортс илустрејтед“ и предизвика лавина коментари на социјалните мрежи. Бебето на ушите имаше сини слушалки за да не му пречи бучавата, а публиката ја поздрави со овации.

Скандалозни коментари

„Не можам да поверувам дека се будам со насловната страница во медиумите за мене и мојата ќерка само затоа што сум направила нешто што го правам секој ден. Доењето е нормална работа и секоја жена може во јавност да го прави тоа“, напишала манекенката на својот профил на Инстаграм.

Голем број корисници на социјалните мрежи ѝ упатиле негативни, грозни, скандалозни и полни со омраза коментари, додека мал бил бројот на оние што овој потег го сметале за инспиративен.

Поддршка

Но, една од нејзините пријателки се огласила по оваа хајка врз Мара и му испратила на светот порака полна со љубов и почит.

„До луѓето со негативни коментари: Мара е мојата најдобра пријателка во реалниот живот. Таа поминува секој ден по 12 часа на високи потпетици и на кастинзи, носејќи го своето бебе. Екипата го засака бебето и ѝ предложија да прошета со него во текот на ревијата. Пред да излезе на сцената, на бебето му дојде времето за оброк. Продуцентот ѝ рече така да излезе на сцената. Ништо не беше планирано. Ми прати порака дека полудува, во која ми објасни што направила. Нема ништо лошо во тоа. Бебето беше гладно. Крај на приказната. Дали е неопходно девојка со вештачка нога да излезе и да прошета по модната писта? Не е, но излезе и прекрасна е. Поентата на мојата приказна е дека оваа ревија ги славеше сите типови на женското тело, вклучувајќи ги и мајките. А со своето излегување на сцената, покажаа дека тие можат да ги дојат своите бебиња кога и каде и да посакаат, без напади и осудувачки коментари на луѓето што и не ги познаваат. Мара е прекрасна личност, мајка, жена и пријател. Најмалку што заслужува е поддршка“, напишала нејзината пријателка Саманта Монтрој Пурсел во еден од коментарите на Фејсбук.

Мара сподели дека е благодарна што може да ја пренесе својата порака за доењето и дека сите жени можат да го прават тоа во секое време, насекаде.

Друштво на посебни жени

Мара е една од финалистките избрани за годишната ревија на магазинот „Спортс илустрејтед“. На одржаниот кастинг за непрофесионални модели таа беше една од 16-те победнички што учествуваа во презентацијата на колекцијата.

Оваа манекенка била во друштво на посебните нетипични жени, какви што се и 22-годишната параолимпијка во сноубординг Брен Кацкаби, жена што ѝ се приклучила на војската, и една жена што се излекувала од рак.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...