Мандат или не за Груевски, ќе се дискутира денес

265
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска ќе расправа за барањето од судот за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски заради издржување на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.

Претседателот на Комисијата Павле Богоевски во петокот го доби барањето од Судот од претседателот на Собранието Талата Џафери и имаше рок од 15 дена да ја закаже седницата. Барањето за одземање на мандатот на Груевски е според членот 59 од Деловникот на Собранието на РМ. Со него се предвидува за пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието да достави судот кој ја изрекол казната.

Со овој член од собранискиот Деловник е предвидено Предлог за одземање на мандатот на пратеник да поднесе Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето од претседателот на Собранието. По предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за одземање на мандатот на пратеникот, Собранието води претрес на првата наредна седница, а претресот може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот. За да му биде одземен мандатот на Груевски на Собранието му е потребно двотретинско мнозинство. Неизвесно е дали за одземање на мандатот на поранешниот премиер ќе гласаат 80 пратеници, ако се знае дека пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за, а најголем дел од пратениците од независната пратеничка група предводена од поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска се изјаснија дека нема да гласаат.

Груевски најдоцна до 8 овој месец треба да се јави на издржување на затворската казна. Во петокот, Кривичниот суд соопшти дека судија за извршување санкции ја одбил молбата на Груевски за одлагање на казната.

Поранешниот премиер Груевски беше прогласен за виновен и осуден на двегодишна затворска казна на 23 мај. Тој заедно со првообвинетиот во „Тенк“ Ѓоко Поповски поднесоа жалба до Апелацискиот суд Скопје, кој ја одби како неоснована жалбата на Груевски, а делумно ја прифати жалбата на Поповски и му ја намали казната затвор на четири години и шест месеци. Во предметот „Тенк“ осудена е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на шест години затвор.

Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски во изјава за МИА рече дека доколку му се одземе пратеничкиот мандат на Груевски тоа значи дека тој не е пратеник и веќе не може да ги ужива пратеничките права. Доколку, пак, не му се одземе пратеничкиот мандат со тоа Груевски нема да избега одговорност за кривичните дела за кои ќе биде осуден.

– Според тоа, дали ќе оди на издржување казна затвор сега или по некој месец тоа битно не ја менува работата – вели Ивановски.

Поранешниот уставен судија смета дека бранителите на Груевски во конкретниот случај бараат одлагање на изржување на казната затвор и наведуваат соодветни аргументи што не се вистински аргументи кои би влијаеле на самата одлука.

– Очекував дека бранителите во основа ќе го поставеа прашањето за примената на член 65 од Уставот, а тоа е престанок, односно одземање на мандатот на пратеникот. Тие не го поставија тоа прашање, туку ги поставија двата елементи – услови, а тоа беше да ја заврши книгата односно да заврши труд кој го пишувал што не е услов за да се бара одлагање за издржување на казната, а вториот беше дека треба да ги доврши задачите што ги има како пратеник – истакнува Ивановски.

Ако се имаат предвид, како што рече Ивановски, извештаите за редовноста на пратеникот Груевски во работата на Собранието може да се констатира дека тој бил присутен само на една или две седници од свикувањето на Собранието, што, како што вели, „значи дека не му е толку јака страната оти ќе страда Парламентот заради неговата неактивност“.

По таа логика, како што посочува тој, дури и кога пратеникот кој чека на издржување на казната затвор да биде затворен, не гледа дека со тоа ќе се прекрши Уставот.

– Мислам дека лицето за кое ме прашувате дали ќе оди на издржување на казната затвор, што побрзо треба да прифати да оди на издржување на казната, бидејќи повраток од таа ситуација нема. Одговорноста мора да биде присутна. Бегање од одговорноста не користи никому, па во крајна линија нема да му користи и на Груевски – вели Ивановски.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...