Мамо, на школо ми бараат слика од твојата свадба со тато, а тато го нема – што да правам?

Образовниот процес не смее да биде трауматичен и да вознемирува. Учебникот по Општество за четврто одделение не ги објаснува различните форми на семејства кои постојат, еднородителски, двородителски, старатели и слично, а заедно со програмата не вклучува опција за децата чии родители се разведени, починати или слично.

6453

Кога стапиле мама и тато во брак? Колку години имал тој, а колку имала таа? Колку години се во брак? А каде се венчале?

Не, ова не е сцена од филм за озборување на соседи. Ова е тоа што го учат четвртооделенци. Во 2017 година Народниот правобранител се согласил дека ова е дискриминирачко и вознемирувачко за голем број родители и деца. Тогашната министерка за образование, Рената Дескоска, најави дека учебникот за четвртто одделение ќе биде повлечен. Во спорниот учебник, чиј автор е Билјана Живковиќ, се учи за брачен живот и се бара од учениците да приложат фотографија од свадбата на родителите.

– Образовниот процес не смее да биде трауматичен и да вознемирува. Учебникот не ги објаснува различните форми на семејства кои постојат, еднородителски, двородителски, старатели и слично, а заедно со програмата не вклучува опција за децата чии родители се разведени, починати или слично. Тогашната министерка Рената Десковска најави дека учебникот веднаш ќе биде повлечен од употреба и изменет. Почна училишната година, новиот учебник не стигна. Децата немаат учебник по Општество, а старата програма си се тера – реагира Ирена Цветковиќ, чија ќерка годинава го учи ова.

Други граѓани се придружија во реакциите за овој проблем, кој со години никако да се реши. Прашуваат што е поентата во тоа да се повлечат учебниците, па учениците да бидат принудени да го учат истиот материјал, вклучувајќи го и спорниот дел.

– Инаку, образовниот процес многу вознемирува. Син ми вели оваа година јас да се јавам на професорката или да дојдам лично, бидејќи бара телефонски број од таткото, а тој вели како да им кажам дека немам кога е жив, а ако е жив како да им кажам дека не знам кај е. И така. Исто кога учителката му велела, на него му треба татко, многу е замислен. Ја прашав за стручното мислење, дали овој, жив а нежив, со пиштол да го натераме да ги гледа децата, или да отвориме конкурс за нов татко – пишува разочарана мајка на Фејсбук.

Се вели дека барем вработените во училиштата треба да бидат образовани и со пошироки сфаќања. Тие нагласуваат дека ваквите теми во кои не се вклучени децата без или со еден родител, имаат лошо влијание врз најмладите. Да се почне од тоа дека детето ќе се чувствува невклучено, тажно, а може да му остави трауми за целиот живот.

– Имаат тема за домашен буџет, па и тоа ги интересира од каде пари, кој колку заработува, каде работи… Треба да се научат децата да се почитуваат, да ги однесат по фарми да видат како се произведува храната, како се шие облека. Да ги учат на основни работи – коментира друга загрижена мајка.

Многумина сметаат дека образованието во земјава е во хаос, од тоа што се нема учебници, на голем број предмети наставничката им диктира, а се изучуваат и вакви непромислени работи, кои може да остават несакани последици врз најмладите.

Родители инсистираат Министерството за образование и наука да го реши овој повеќегодишен проблем еднаш засекогаш и да стави крај врз дискриминацијата на оние со самохрани родители. Плусинфо се обрати до Министерството за образование и наука. Прашавме дали планира нешто да се смени во програмата, кога ќе бидат готови новите учебници, а кога учениците може да ги очекуваат сите учебници комплет. Прашавме и дали новиот министер го дели ставот на поранешната министерка Дескоска.

„Во моментов во постапка на одобрување се 20 учебници за основно образование, меѓу кои и нов учебник по овој предмет. По целосно завршување на постапката истите ќе бидат отпечатени и дистрибуирани до училиштата и учениците“, ни одговорија од МОН.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...