„Мал шенген“ – за и против?

Вкупната трговска размена на РСМ за периодот I-VIII-2019 со останатите земји од ЗБ-6 во вредност од 1,1 милијарда САД$ структурно учествува со 10,02% наспроти вкупната размена со светот.

844

Минатиот месец, меѓу трите држави од Западен Балкан (Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија) во Нови Сад се потпиша Заедничката декларација за спроведување на четирите темелни „слободи“ на ЕУ во земјите од регионот на Западен Балкан. Со тоа беа ставени темелите на т.н. „Мал Шенген“, со тенденција во овој проект да се интегрираат и останатите земји од Западен Балкан (Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора).

Факт е дека на овие простори „рак-рана“ за бизнисот се бавниот проток на стоки и услуги преку границите, административните бариери за трговска размена кои, и покрај постојаните напори, сеуште постојат, недостатокот на работна сила по мерка на бизнисот, и уште многу други предизвици поврзани со потребата од унапредување на граничната инфраструктура, признавање на пропратната документација за производите, взаемно признавање на професионалните квалификации, поедноставени постапки за работни и дозоли за престој….

Во таа насока, логично и очекувано е бизнисот да ги поддржи сите иницијативи од овој тип. Зошто?

Прво, затоа што се во насока на решавање на наведените проблеми и затоа што се очекува дека со унапредување на регионалната соработка ќе дојде до намалување на невработеноста, зголемување на конкурентноста, па дури и раст на странските инвестиции.

Второ, од аспект на бизнисот, навистина звучи мошне атрактивно просторот на Западниот Балкан да се уреди како заеднички пазар и единствена инвестициска дестинација, со хармонизирани прописи и поедноставени процедури.

Трето, проценките на Светската банка и на ММФ укажуваат дека регионалната интеграција ќе доведе до економски развој, кој може да изнесува најмалку три до четири проценти повеќе следната година. Според Светската банка, камионите поминуваат приближно 26 милиони часови годишно на граничните премини на Западен Балкан. Ова покажува простор за значително подобрување на тековните пристапи, што ги прави економиите на ЗБ 6 побавни и поскапи од потребното за да се натпреваруваат во глобалната економија.

Четврто, ако навистина профункционира, преку економската соработка во регионот, истовремено ќе се „релаксираат“ и политичките односи меѓу одделни држави во регионот, а отворените прашања брзо и поефикасно би можеле да се решат.

Петто, целосното и слободно движење на стоки, услуги, капитал и работна сила низ целиот регион е најдобриот начин за мал регион како ЗБ 6 да генерира раст во брзодвижечката, глобална економија. Овој подвиг ќе собере приближно 20 милиони луѓе на заеднички и обединет пазар, преку подобрување на животниот стандард низ целиот регион, обезбедување можности за граѓаните и подготовка на целиот регион за членство во ЕУ и за подобро утре. И, како што се вели во потпишаната Декларација, овој проект е инспирација од другите постојни и успешни модели на отворени региони како што се Бенелукс или Нордискиот регион.

Но, прашањето кое го поставува бизнисот е дали навистина постои политичка волја, па и можност ова да се спроведе во практиката и дали овој политички консензус за уредување на „чисто економски прашања“ за регионот е доволно ветувачки и предизвикувачки? Околу овие прашања, се отвораат неколку дилеми.

Прво, во услови кога Црна Гора е прилично понапред во делот на отворени поглавја и усогласување на правната рамка во претпристапните преговори со ЕУ, заради што побрзо интегрирање во Европската унија, од една страна, а пак Албанија е чекор зад нас на тој план, од друга страна, се поставува дилемата дали за нас, и како бизнис заедница, но и како држава, е вистинско решение проектот „Мал Шенген“, ако на него се гледа како еден „пакет аранжман за земјите од Западен Балкан“ кој заеднички треба да продолжи на патот кон ЕУ?

Второ, дилемата е дали и останатите земји од Западен Балкан и нивните лидери се подготвени, со сиот свој потенцијал и капацитет, да влезат во овој проект, без било какви политички калкулации колку се тие понапред или поназад во преговорите со ЕУ, дали се тие со исти или различни определби во однос на прашањето за евроатланските интеграции, или е ова само едно „замаглување на видиците“ заради да се создаде впечаток дека сите ние овде не седиме со скрстени раце, туку работиме на економска интеграција на регионот и веруваме дека тоа ќе биде и финансиски поддржано од Запад, како еден вид предворје пред пристапувањето во ЕУ?

Трето, во услови кога ја имаме ЦЕФТА спогодбата, за чие (не)функционирање сме сведоци сите ние, се поставува прашањето дали реално можеме да очекуваме „Мал Шенген“, кој во суштина е истата иницијатива, но во помал формат, да биде успешен и функционален концепт? Дополнително, можеби и логично, се поставува прашањето зошто не се работи на примена на спогодбата ЦЕФТА, туку во игра се воведува „мал Шенген“?

Четврто, има и размислувања дека, по иницијатива на западноевропските земји, во позадина на оваа идеја е создавањето нова Југославија, како еден вид „утеха“ за неуспехот на интеграциите на овие земји на европски план во овој момент, зад која, можеби постојат и други политички мотиви, а не само економски бенефит за земјите од Западен Балкан…

И така, напред-назад, состојбата е следна:

Вкупната трговска размена на РСМ за периодот I-VIII-2019 со останатите земји од ЗБ-6 во вредност од 1,1 милијарда САД$ структурно учествува со 10,02% наспроти вкупната размена со светот. И податоците од 2018 покажуваат дека трговската размена на РСМ со земјите од Западен Балкан учествува со 9,77% од вкупната трговска размена на земјата со светот, и податоците се движат во овие рамки последните неколку години. Ако на тоа се додаде и фактот што сите земји од Западен Балкан заедно ни приближно не произведуваат колку само една од развиените западноевропски држави (Германија, Франција), јасно е дека треба да работиме на подобрување на состојбите на економски план.

Во таа насока, иницијативите од типот на „Мал Шенген“ можеби е добро да се перцепираат како корисни алатки кои ќе докажат дека и даваме приоритет на економијата, наспроти политиката, како единствен кохезионен фактор на овие простори.

(Авторката е главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за правни прашања)

ИЗВОР: Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...