„Србија е посветена на создавање на нова платформа за Голема Србија – На Србија и е потребна платформа за ширење и не смееме да дозволиме Четврта Југославија, што е нејзина цел“ – Албин Курти, лидер на Самоопределување.
Како голем поддржувач на членството на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ (секогаш предност му давам на НАТО), како голем поддржувач на Договорот од Преспа, како голем поддржувач на Договорот за добрососедство со Бугарија, поддржувач на Берлинскиот процес и поддржувач на ЦЕФТА договорот, чувствувам обврска да напишам неколку реда за мојот голем сомнеж и огромната резерва која ја имам за проектот „Мал Шенген“. Секако е корисно да се даде допринос во дебатата за оваа важна тема.
Во Европа не се оди преку Белград
Оваа иницијатива доаѓа во време кога францускиот претседател Макрон, со одложувањето на добивањето на датум за преговори за Република Северна Македонија и Албанија, ја шокираше Европа и целиот регион на Западен Балкан. Единствено Александар Вучиќ, од сите други лидери во регионот, се одвои и кажа дека не е изненаден од потегот на Европа и одма понуди некаков „Мал Шенген“. Покрај неправедниот потег кон Македонија и Албанија, изјавите на Макрон за НАТО, за украинските и бугарски банди, за БиХ како темпирана бомба до Хрватска, во суштина ја рушат тезата дека тој се гледа како наследник на Меркел, како нов лидер во Европа. Неговото политичко поведение кажува дека тој радо би го оставил Западен Балкан на ветрометина, на влијанија од Русија, Турција и Кина, а помалите земји во регионот, лишени од брза европска перспектива, во Брисел би требало да гледаат преку Белград на Вучиќ. Никогаш нашиот пат за Европа не водел преку Белград! Затоа од аспект на времето и контекстот е проблематично да најавувате и влегувате во регионални проекти кој дел од државите го толкуваат како алтернатива за членството во ЕУ, па мора 1.000 пати да повторуваме дека нашето членство во ЕУ нема алтернатива.
Од распадот на Југославија и распадот на комунистичките системи на просторите на Западен Балкан, во сите држави мнозинството граѓани се за членство во НАТО и ЕУ, од тогаш па до денес. Во сите држави, освен во Србија, каде мнозинството граѓани се за во сојуз со Русија. Како последица од политичкото поведение на Макрон, нарушувањето на кредибилитетот на ЕУ, како и алтернативите кои се планираат во Москва, а дел од нив се продуцираат и преку Белград, за прв пат евроскептицизмот во државите БиХ, Црна Гора, Косово, Македонија и Албанија може да дојде во егал со ентузијазмот на граѓаните за членство во ЕУ. Официјален Белград го подгрева евроскептицизмот во регионот, а создавањето на голема Србија се уште е нивна политика, засега неуспешна, пред се поради позитивното влијание на НАТО, САД и ЕУ во нашиот регион. Очигледно некој се израдува на нарушениот кредибилитет на ЕУ.
Без европска перспектива нема мир и стабилност на Западен Балкан
„Одлуката на францускиот претседател Емануел Макрон да го блокира членството на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, стави симболичен крај на ерата по 1989 година. По падот на Берлинскиот ѕид, и американските и европските лидери препознаа дека ширењето на Европскиот проект (ЕУ) е клуч за европски мир и просперитет.” – Кристофер Р. Хил, поранешен амбасадор на САД во Македонија, Специјален дипломатски претставник за Косово, преговарач во Дејтонскиот мировен договор.
Откако се постигна историскиот договор во Преспа, кој освен што е огромно светло во темниот регион на Западен Балкан, претставува и европско достигнување, нашите најголеми стратешки партнери, САД, Германија и Британија се посветени да најдат долгорочни решенија за останатите два големи проблеми кои го оптоваруваат Западен Балкан, а тоа се: Србија да го признае Косово и БиХ да најде начин да стане функционална држава. Нашите западни сојузници бараат начин како да ја одоброволат Србија да го признае Косово, да се сврти кон Запад и да се откаже од деструктивните сценарија кои и ги сервира Русија. Во тоа име специјалниот пратеник на американскиот државен секретар за Западен Балкан, Метју Палмер, во Приштина зборува за можни санкции кон Србија ако продолжи да купува оружје од Русија, а во Белград на Вучиќ му дава зелено светло за идејата „Мал Шенген“ на Западен Балкан, ако успее да го договори со сите држави во регионот. Зошто ние би влегле доброволно во проект на Вучиќ? Нам не ни е потребно да бидеме чип во рацете на Србија, со кој Вучиќ ќе се пазари за достоинствено решение за Србија во признавањето на Косово. Еден од факторите кој на Македонија ѝ ја влошуваше преговарачката позиција со Грција беше предлог планот на Вучиќ и Дачиќ да го признаат Косово, само ако претходно се направи размена на територии. Предлогот беше дел од северот на Косово да биде дел од Србија, а дел од Прешевската долина да стане дел од Косово, метар за метар. Целта на државната политика на Србија беше еднаш да го нарушат принципот на непроменливост на границите, а потоа својата загуба на Косово да ја надокнадат со територијата од БиХ (онаму каде се протега ентитетот Српска), а под маса го потхрануваа и Косово својата загуба во северниот дел да ја надокнадат со спојување со Албанија и да се обидат да земат дел од Македонија, нели кога границите веќе се менуваат. Оваа идеја Вучиќ, Дачиќ и Вулин ја промовираа јавно, кажувајќи дека се за „Разграничување со Албанците“. Затоа беше нашето брзање за во НАТО, а јасно е дека кога брзате плаќате и поскапа цена. Поради спречувањето на овој план со членството на Република Северна Македонија во НАТО, важноста на Договорот од Преспа се потенцира и како фактор кој обезбедува мир и стабилност во регионот.
На првиот состанок во Србија, Вучиќ ги поканил само премиерот на Албанија, Еди Рама и нашиот премиер Зоран Заев. На следниот состанок требало да им се понуди членство на БиХ, Косово и Црна Гора. Додека дојдат на вториот состанок во Охрид, Мило Џукановиќ, Хашим Тачи и Денис Звиздиќ изразија сериозни резерви за проектот „Мал Шенген“, според мене сосема оправдани. Црна Гора веќе го одби членството во „Мал Шенген“, а негативните коментари продолжија од страна на водечките политичари во Косово и Босна и Херцеговина. На сите им е јасно дека проектот „Мал Шенген“ нема функционалност, а со тоа ниту смисла, ако не се вклучени сите држави од Западен Балкан. Дополнителен аргумент е дека слободното движење на луѓето и економијата можеше да се регулира во веќе постоечките проекти Берлински процес и ЦЕФТА, кои постојат и имаат потреба да се унапредат. Зошто тогаш нов проект, што ни треба „Мал Шенген“?
Нема развој на регионалната економија ако не се развие демократијата
„Вредностите врз кои е основана Европа: слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото, човекови права, сите тие се сѐ освен загарантирани и мора одвреме навреме да бидат ревитализирани и одбранети“. – Ангела Меркел
Зошто БиХ, Црна Гора, Косово и Македонија би ја прифатиле идејата Вучиќ? За добри економски односи предуслов се мирот, стабилноста, добрите политички односи. Какви се односите на Србија со земјите од нејзиното опкружување? Катастрофални! Србија не ја признава пресудата на меѓународниот суд во Хаг дека во Сребреница се случил геноцид. Политиката на Вучиќ со негирањето на геноцидот во Сребреница демонстрира антицивилизациска позиција, наспроти цел демократски и развиен свет. Дополнителено, Вучиќ му дава јасна поддршка на Додик во демонтирањето на Дејтонскиот мировен договор. Официјален Белград во Црна Гора, преку своите сателити во политичкиот живот ја релативизира државноста на Црна Гора, одлуката за независна Црна Гора и одлуката да пристапи во НАТО. Србија не ја признава независноста на Косово, а преку своите сателити во политичкиот живот на Косово ја попречуваат внатрешната кохезија во косовското општество. Таму уште се свежи и сеќавањата на неразјаснетото убиството на Оливер Ивановиќ, локален српски политичар во Косово, кој од режимската пропагандна медиумска машинерија на Белград беше претставен како предавник на својот народ, затоа што се спротивставуваше на политичкиот проект на Вучиќ во Косово. За тоа што правел и што барал Живаљевиќ на 27 април во македонското Собрание немам намера да ви расправам. И сега што, ќе глумиме дека идејата за „Мал Шенген“ доаѓа во контекст како да не сме на Западен Балкан, туку дека граничиме со Данска, Шведска, Норвешка или Финска?! Па кој ја води идејата? Ученикот на Шешељ и некогашен министер за пропаганда на Милошевиќ.
Јасно е дека „Мал Шенген“ не нуди слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото, човекови права, без што не е замислива развиена економија во регионот на Западен Балкан. Се запрашал ли некој зошто ЦЕФТА на Западен Балкан не дава резултати какви што даде за Полска, Унгарија, Чешка и Словачка? Замена на тезата „прво економија, па потоа демократија“ не функционира на среден или долг рок. Како што не е можна стабилноста на долг рок без демократија и функционални институции. Сетете се само колку скапа цена на една стабилократија, контролирана од Грувески една деценија, нашето општество уште плаќа.
„Мал Шенген“, нова Југославија, наградена Србија, подмирена Албанија
Што е тоа што ги одвраќа Џукановиќ, Хашим Тачи и Денис Звиздиќ од идејата „Мал Шенген“? Нив им е јасно дека на Србија како најголема регионална држава, со изразен демократски дефицит, под приказната на економска унија и единствен пазар помеѓу државите во регионот, ќе стане економски, а потоа и политички хегемон на Западен Балкан, доаѓајќи на тој начин во позиција значајно да ги обликува политичките процеси во државите околу себе. Затоа беа споредбите за нова Југославија. „Мал Шенген“ е прифатлива награда за Србија, со цел да го признае Косово. Еди Рама вели дека е за „Мал Шенген“, предлог проектот на Вучиќ, само ако и Косово биде вклучено. Зошто? Албанија во случај Косово да се приклучи на идејата би можела да и парира на Србија со пазарот и со човечкиот потенцијал, за разлика од БиХ, Црна Гора и Македонија. Сепак, Албин Курти и Хашим Тачи, заедно со Џукановиќ и Звиздиќ, со свежи рани од влијанието на Белград во нивните држави, засега успешно ја држат оваа идеја без перспектива.
Во Европа се оди преку Берлин и Вашингтон
Одлично е што Македонија брзо влегува во НАТО, тоа е најголемиот успех со кој треба да се гордее Владата на Заев. Со дополнителен реформски курс на Владата, треба да им помогнеме на нашите стратешки партнери САД и Германија да продолжат да се борат за перспективата на Западен Балкан во ЕУ. Да не им дадеме аргумент на деструктивните сили, да толкуват разни непотребни процеси за да купуваат време и да го држат Западен Балкан без брза ЕУ перспектива. Јасен е патот, не ни требаат темни сокаци. Конечно сериозно да побрзаме со развивањето на Коридорот 8, а да ја оставиме Србија сама нека си ја плати фактурата за признавањето на Косово. Од Србија уште ни должат јавно извинување за присуството на Живаљевиќ во нашето Собрание на 27 април. Додуша, уште ни ги должат и штекерите што ЈНА ги собра од нашите касарни, кога брзаше да ја спасува старата Југославија со војни дејствија во Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина.