или
LAISSEZ-FAIRE (6)
Ние како нетипична, нестандардна и несекојдневна држава – а многумина велат и држава со посебни потребни, или држава од тринаесетти колосек – треба да подлежиме и на нестереотипни процедури. Како што впрочем и подлежиме, со целава „процедура“ за името и евроатлантските интеграции. Нестандардните (или како што овде уживам да ги нарекувам laissez-faire) процедури/практики всушност ни се историја, барем современава, од 1992 година наваму, безмалу во сите пори на државата, вклучувајќи го и владеењеето на оној анахрон тираноиден режим цели дванаесет, и тоа во втората деценија на дваесет и првиот век – векот на ИТ револуцијата.
Токму затоа мислам дека е време, а реалноста, особено актуелнава во тоа дефинитивно ме убедува, нетипичните и нестандардните процедури да ги применуваме сѐ почесто и во суштинските нешта. На пример – во пребројувањето. Без оглед дали (ќе) имаме или не попис на населението по сите основи, особено етнички, тоа кај нас се покажува и како не толку битна пракса. Зашто, што толку ни фалеше што не го знае(в)ме точниот процент на етничките заедници сиве овие години, а особено денес, кога се пребројуваме според нешто друго? Што ако албанската етничка заедница денес брои 20, или 25 или цели 30%, или дури помалку од 10%, на пример? Што тоа денес ќе сменеше во Парламентот и расправата за Спогодбата со Првата (или беше Втората?) страна? Или што ако не знаеме колку точно се Ромите, или Власите или некоја од другите етнички заедници запишани во толку чуваниот ни Устав? И што овие (не)познати процентуални (со)односи значеа, на пример, при инсталирањето на она шизоидно „Скопје 2014“ и трошењето на цели 700 и кусур милиони евра за нечии фикс идеи? (Ќе) имаа некакво битно влијание?
Во таа насока, кај нас не функционира ни поделбата на, да речеме, образовани, особено високообразовани, и необразовани – оние кои со значителен пежоративен призвук ги категоризираме како безмалу небитен дел во државата. Ајде нека е и така, ама која од двете категории беше продолжената рака на криминалната банда во изминатиот период, кој седеше во министерските фотелји, во собраниските столчиња, во советничките кабинети? Згора сите, или повеќето, се стекнаа со магистерски и докторски титули, нормално на разни начини – од кои некои беа и разобличени, ама без конкретен резултат – при што некои и во времето на министерувањето или траењето на собраниските мандати, што е конфликт на интереси пар екселанс. Ама, нели, кај нас важи правилото laissez-faire односно кој сега ќе се замара и со такви глупости да повикува на некаква морална и друга одговорност министри, заменици министри, пратеници и слични официозуси само поради фактот дека „го надградувале“ своето образование? Ене, на пример, пуфлана ем магистрираше ем докторираше во времето кога беше министерка за култура. Ем успеа да ни го смести и „Скопје 2014“, ама и уште стотици нејзини и туѓи (некултурни) будалаштини купени низ бувљаците на европските престолнини каде што, повторно со наши пари, се ашкаше цели десет години. И како успеваат тие луѓе сѐ да напикаат во 24 часа? Ем министерување, ем постдипломски, ем докторски, ем шетање по бувљаци, ем „Скопје 2014“ … ? И бидејќи веќе ја спомнав, наместо да се сокрие од срам во најдлабоката дупка во тропрстата Македоња, таа соли памет од собраниска говорница дека „Патриот е оној кој работи за подобра иднина“. Па што ти сработи за нашата иднина, „госпожа“? Или лукративното билдање на твојата иднина треба и ние да го чувствуваме како наша придобивка? Е па врло веома „неќе моќи“ – занданите се делат соло, во самотија! Ама сепак, никој не ја спречува да ни држи лекции за „добро менаџирање“, нели?! Така и ни треба.
Додуша, ние пробавме, освен по етничка линија, да се делиме и по „земјољубна“ линија, и тоа на патриоти и предавници, на бранители и непријатели и сл. Тоа даде резултат, ама нецелосен, иако „патриотите“ си ги покажаа роговите па можевме да ги преброиме. Сега се делиме на референдумци, или еуљубци, и на бојкотирачи односно имебранители. И тоа е целисходна поделба, се виде и на референдумот, иако нецелосно. Но, мислам дека е време за нова поделба. Да, знам, многумина ќе речат: аман од тие поделби, дајте да се сплотиме! Да се сплотиме – во што, или како што? Како една сплотена криминална банда, како една збирштина глуперди, како неуко стадо … како што, ве молам? Не, благодарам. Едно такво искуство веќе имам – во културата, од времето на режимот, но и денес, кога „ж“барабите сѐ уште оро водат – така што ми е доволно. Добро, ајде, можеби зборот поделба е навистина лош на ниво на држава, плус токму ова парче земја секогаш имало проблем со некакви делби, ама подобар ли е зборот: пребројување? Да? Ок, ајде тогаш да се преброиме, дефинитивно, но не како Македонци, Албанци, Срби, Роми … и не како припадници на одделни партии туку како чесни vs бандити, како морални vs неморални, како учени vs неуки (независно од „магистратурите“ и „докторатите“), како шарлатани vs професионалци… како мнозинство vs малцинство! Времето е дојдено, сега и тука, да се види кој навистина е мнозинство а кој малцинство и таа „мерка“ нека биде јазичето на државниот кантар. Поинаку – не може, очигледно, зашто криминалците почнуваат да негираат сѐ, дури и 27 април, не прават слепи при очи, луди при здрава памет. И ние тоа го допуштаме. Во името на што? На сплотеноста? Која, и каква, и за што? И по која цена? Не знам што е пострашно: целата држава или само нејзината „култура“, средена по тој принцип (сосе пуфлата „интелектуалка“ на чело).
Само два примери од вчерашната собраниска „расправа“, по мој избор, се разбира: Самка Ибраимовски, на пример, нема магистратура, или докторат (колку што прочитав), не е философ, и не е голем Македонец, ама говори токму како најголем припадник на оваа држава. И не му треба Могерини да му појасни како да постапи во дадениов историски миг. Или госпоѓата Хасапи која излезе на говорница после пуфлата „интелектуалка“. Требаа ли други гоооолеми зборови да појаснат што мисли и чувствува сериозниот, чесен човек во оваа земја? Или, ако веќе сакате, словото на почитуваниот Ристо Лазаров апропо наградата „11 Октомври“ визави една цела армија муфљузи и билмези залегнати на грбот на македонската култура; или чесниот, професионален и човечки ангажман на стотици македонски културни работници наспроти многу повеќе алчни „патриоти“ и чистачи на културниот буџет за лични потреби, кодоши и уличари издигнати од бившиот режим на славодобитно рамниште? Такво пребројување ни треба, и денес и утре зашто тоа ќе нѐ извади од овој пекол. Треба ли да се потсетуваме, одново и одново дека токму пребројувањето, или диференцијацијата, „беа длабокиот 11-тооктомвриски корен од кој широко се разграна дабот на нашата слобода и на нашата Асномска државност“, како што потенцира Лазаров? А кога веќе го спомнувам Ристо Лазаров, да не ги заборавам и останатите овогодишни добитници на највисоката државна награда „11 Октомври“: д-р Александар Ставридис, д-р Драги Михајловски и Петар Арсовски! Е сега, споредете ги овие со оние режимскине од пред некоја година, на пример со академикон-библиотекар Маџунков кој нѐ задолжи – буквално – со стотици илјади евра во подрумите на македонските културни институции, и уште цела една гнасна низа партиски „добитници“ на оваа награда?
Е на такво пребројување мислам, и на таква нова слобода, зашто ова веќе не се трпи! А тука го подразбирам и она на пуфлата дека „сите сме овде интелектуалци“, вели прилично сериозно таа. Ма немој? А од кога тоа, и како тоа се станува интелектуалец? Со министерски „докторат“? Па тогаш цела вмронска партија – сѐ интелектуалци? Е тука нѐ доведе нашето помирливо непребројување, нашата неселективност во дружењето, па и во пиењето кафе – зашто, извинете, ама со секоја партиска бараба не се ужива во тој ритуал – сите, некако, станавме еднакви, што всушност беше неостварливиот комунистички идеал!