„Малото“ вето на Грција

Но, сега е време за „следното ниво“ на целиот овој заплет. Со овој, макар привремен, распад на преговорите за името, треба да се очекува силен налет на антизападните политички сили и кругови во Македонија.

3539

Се чини дека предлогот „Република Илинденска Македонија“ доживеа половичен дебакл: со примена на „мало“ вето, Грците (но и ВМРО-ДПМНЕ, како и овдешните пробрани руски екстензии, „турската“ фракција на БЕСА на Касами и националистичката Алијанса на Албанците на Села – едно занимливо, неочекувано составено друштво) го отфрлија предложеното ново име, но „исплива“ дека, кога ќе дојде, решение ќе треба да биде ерга омнес, со признаени македонска нација и јазик, плус меѓународни кодови со мк и мкд.

Од ова, се разбира, никој не е задоволен, а во Македонија на Заев му „рипнаа на врат“ сите од оние делови во јавноста кои, секој од свои причини, не се задоволни од работењето на неговата Влада. Во „вадењето душа со памукче“ како да предничи една колекција од разно-разни бивши функционери од СДСМ, долгогодишни експерти за мрчење.

Сепак, што е значајно за Заев, СДСМ и ДУИ ја продолжија и, се чини, ја зацврстија меѓусебната политичка решеност да дојдат до прифатливо заедничко решение и за двете страни. Прв пат по лидерска средба видовме заедничко соопштение кое го читаше Заев, рамо до рамо застанат со Али Ахмети.

Резултатот е: пата-пата.

Би се рекло, ништо ново, со една значајна разлика, а тоа е дека харизмата на „таличниот Заев“ е тешко ранета, бидејќи е ова за него прв поголем политички удар откако фуриозно реши да застане на чело на процесот за внесување на Македонија во ЕУ и НАТО, што налути важни центри во земјата и во странство. Памтите: не беше тешко навреме да се предвиди дека тие центри „ќе го рушат“ нашиот прием во НАТО преку своите влијанија и инсталации во Грција, бидејќи во Македонија стојат прилично слабо. Така, изгледа, и се случи. Прогресивните сили и таму и овде се во жесток судир со силите на регресот, а силите на регресот од завчера слават, извадија значаен бод во гости.

Нашата Влада, пак, не се откажува од намерата да ги убедат Грците дека „Република Илинденска Македонија“ сепак е најдоброто решение коешто им одговара и на Грците. Тоа мене ми се чини како губење време, иако поточната квалификација би била „купување време“. Грчката влада го соопшти тоа што го соопшти и тешко дека изговореното може да го проголта назад.

Но, сега е време за „следното ниво“ на целиот овој заплет. Со овој, макар привремен, распад на преговорите за името, треба да се очекува силен налет на антизападните политички сили и кругови во Македонија. И јас да сум на нивно место не би ја пропуштил оваа шанса. Таа офанзива ќе се одвива по истата „траекторија“ (што би рекол Мицкоски во необично жестоката изјава за отфрлање на варијантата за илинденската Македонија по лидерскиот брифинг за името) којашто веќе е применувана на други балкански територии за контрирање на амбициите за влез во НАТО. Тоа не подразбира само обилна „неутрално-тврдокорна“ реторика, туку опасност и од поинакви провокации и дестабилизирачки операции.

Ќе се пробудат ли нашите западни сојузници со некакви порешителни интервенции во споров, од „дремката“ во која постојано блебетаат дека „ги охрабруваат и двете страни…“, за да ја искористат преостанатата позитивна енергија од историското приближување на грчко-македонските ставови во спорот?

Бидејќи не им е прв пат (и) во македонската приказна да бидат фатени на спиење, кога се очекува дека чуваат стража. Сонот е најсладок пред зори, како и густината на темницата што ќе треба да се крене.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...