Малолетнички со лимон и кока кола се штитат од несакана бременост, а за да уништат сексуално преносливи инфекции клечат врз тенџере со чај од камилица или нане.
– Тоа е приказна што ја слушнав во едно од основните училишта. Едно од девојчињата ми кажа дека нејзини другарки слушнале од нивните дома дека ако се мачкаат со лимон на вагината, ќе спречеле бременост. Киселината од лимонот ќе спречела спермата да се движи – објаснува Виктор Дамјановски, врснички едукатор од ХЕРА за Плусинфо.
Тој додава „колку ќе помогне тоа лимонче, не навлегувам во таа проблематика“. За несакана бременост се користел и пијалокот кока-кола, а за сексуално преносливи инфекции, младите сметале дека помага чај од камилица или нане.
– Камилицата наводно помагала само за габични инфекции, кандида и слично. Ова е од типот на народни лекови. Не е точно, бидејќи не е испитано – додаде тој.
И волонтерката на ХЕРА, Драгана Терзиќ, слушнала од малолетници за ова нивно практикување.
– Ако некој имал сексуално пренослива инфекција како на пример кандида, клечел гол врз тенџере со врела вода и една или две кесички камилица во него. Самото испарување на водата од камилицата помагало сексуалната инфекција да ја снема?! Што не е можно – рече Терзиќ.
Таа појасни дека камилицата може да помогне при иритација или чешање. Слушнала дека доктори препорачуваат такво нешто, но како што вели, смета дека не може да излечи целосна инфекција.
– Некои ставале и лажичка сода бикарбона. Девојка ми кажа дека испарувањето од тенџерето кон вагината било добро за после депилација, ако има чешање, мала иритација или нешто слично. Наводно, помогнало за иритираната кожа да не се чеша – додаде Терзиќ.
За несакана бременост, во древен Египет се користела плунка од камила.
– Ако жените зеле плунка од камила и ја испијат, верувале дека ќе се спасат од непланирана бременост. Многумина нѐ прашуваат зошто е ова нацртано на нашиот ѕид во „Сакам да знам – Водно“. Епа тоа е една споредба со тоа што се случувало во древен Египет, а што се случува сега во Македонија – појаснува Дамјановски.
Тој вели дека младите во Македонија немаат пристап до никаква контрацепција и оставени се сами на себе да спречат несакана бременост.
– Младите немаат пари ниту пристап до во вистинска смисла на зборот модерна контрацепција. Кај нас, тој збор се употребува за да се опише оралната контрацепција, во светот тоа е застарен метод. Модерен метод се сунѓери, импланти во раката, чипови … кај нас има кондом, орална контрацепција и спирала. Од таму доаѓа споредбата што се случувало во древен Египет, каде што морале да користат плунка од камила, сега знаеме дека не функционира, но тогаш морале да го користат тоа. Затоа во Македонија сѐ уште се користи лимонче и кока кола – посочи Дамјановски за Плусинфо.
Од работната група од Владата од Министерството за образование, го вратиле предлогот за сеопфатно сексуално образование затоа што, наводно, им пречел зборот „задоволство“.
– Тие мислеле дека се однесува на возбудно нешто, дека ќе сме ги учеле децата како сексуално да се возбудуваат, што воопшто не е точно. Ова ни беше кажано од координаторката што беше задолжена за тоа – додаде Дамјановски.
Тој смета дека во нашите училишта навистина мора да се обрне повеќе внимание на вакви теми.
– Има училишта во Македонија во кои сѐ уште се мисли дека сексуалното вознемирување е играчка и дека децата го прават од забава. Мавањето по задник или по гради е насилство, а ние го прикриваме како една обична игра. Тоа е проблем кој постоел одамна, а постои и ден-денес – рече Дамјановски.