Седумнаесетгодишник е осомничен за убиство на 28-годишниот Милан Басаиловиќ во Србија. Малолетникот на сослушувањето во Обвинителството рекол дека немал намера никого да повреди, а не пак да убие.
Според „Новости“ и „Курир.рс“, малолетникот е осомничен дека на 2 јули со ловачка пушка го убил Басаиловиќ.
Осомничениот кажал дека никогаш претходно не ракувал со пушка, како и дека на денот кога се случила трагедијата, бил во друштво со Басаиловиќ и неговите пријатели и дека малку се поднапиле. Во еден момент отишле до продавница и таму се напиле неколку пива. Заедно, според неговата изјава, тргнале во аква-парк со трактор, кога ги запрела сообраќајната полиција.
– Бев исплашен да не го казнат Милан поради мене, бидејќи седев напред, на рамото на тракторот, им реков на полицајците дека ако треба да се казне некој, тоа да бидам јас, а не Милан – рекол малолетникот.
Убиениот, како што тврди тој, го запознал пред околу месец дена, преку заеднички пријател, бидејќи му бил потребен работник за дрва. Наводно му било кажано дека ќе има дневница од 2.500 српски динари, но, според неофицијалните информации, не бил задоволен од начинот на кој му давале пари.
Се смета дека малолетникот оружјето го земал од домот на жртвата.
– Тој кажа како влегол во подрумот, знаел точно каде се наоѓа пушката и тргнал кон Милан. Еднаш пукал во воздух, а потоа во рамото. Тогаш кажа како ја фрлил пушката. Потоа кажа дека луѓето во близина на убиениот почнале да го тепаат и да го шутираат, тогаш ја изгубил свеста. Рече дека следно на што се сеќава е моментот кога се буди во болница – вели извор за медиумите.
Басаиловиќ им подлегнал на повредите на лице место.
Неговото семејство, вдовица и две малолетни деца, вели дека не ни можело да претпостави дека вакво нешто ќе се случи. Жртвата со добра намера го примила малолетникот под кровот на семејната куќа.
– Милан се сожали на него, бидејќи мајка му не живееше со нив, баба му беше неподвижна, а со татко му не можеше да живее заедно, така велеше. Само сакаше да помогне, како и на сите. Му даде работа, му даде пари кога малиот не ни работеше. Милан ја прифаќаше вината дури и кога не беше виновен – рекла семејната пријателка Дијана Ивановиќ.
Затвор или дом
Од полицијата рекле дека малолетникот е осомничен поради кратка расправија и физички контакт, испукал два пати. Тој може да биде испратен во Казнено-поправниот завод во Ваљево или Воспитно-поправниот дом во Крушевац.
Тројца се осомничени за повреди
Се истражува кој го претепал малолетникот. Наводно, три лица се осомничени. Малолетникот бил пронајден недалеку од убиството, по што бил хоспитализиран. Наводно имал повреди на долната вилица, а се проверува и дали малолетникот го пријавил малтретирањето, кое според него, се случувало и порано.
ФОТО: Принтскрин / Фејсбук