Со морбили се заразиле и четворица лекари, медицинска сестра и вработен на шалтер во Клиниката за детски болести. Ниту еден од заболените не е хоспитализиран на Инфективна клиника, а лекарите не биле воопшто вакцинирани или примиле само една доза од вакцината МРП.
Според изјавите на д – р Жарко Караџовски, епидемиолог во Институтот за јавно здравје, здравствените работници биле во директен контакт со заболените деца или со оние кои биле во период на инкубација.
Тој повторно апелираше да се вакцинираат сите невакцинирани или непотполно вакцинирани, и тоа не само децата, туку и возрасните, бидејќи епидемијата трае и можно е ширење на болеста, затоа вакцинацијата е најдобрата превенција.
Досега 30ина лекари и друг медицински персонал примиле МРП вакцина во Центарот за јавно здравје Скопје, а вчера се вакцинирале и 20ина вработени на Детска клиника, каде од пред една недела се забранети посети на сите оддели.
Од Министерството за здравство информираат дека на Клиниката за инфективни болести е хоспитализирано 2-годишно дете од Карпош, кое не примило МРП вакцина, а кое не одело во градинка.
Од мали сипаници досега заболеа 75 лица, а вакцинирани се 4.070.
Епидемијата на ова заразно заболување ќе заврши кога две недели по последниот случај, ќе нема новозаболени од морбили.