Малите се бунтуваат за Рамчиловиќ: Не може да смени три коалиции и да биде потпретседател на Собрание

1237

Непринципиелен е предлогот Зеќир Рамчиловиќ да биде  потпретседател на Собранието на предлог од коалициските пратеници од СДСМ и од ДУИ, изјави за Плусинфо Енес Ибрахим од Партија за движење на Туците.

Дали негодувањето на помалите партнери од коалицијата на премиерот Зоран Заев е причината што претседателот на Собранието Талат Џафери два дена го одложува изборот на Рамчиловиќ нема потврда, но јасно е дека предлогот токму Рамчиловиќ да биде новиот потпретседател ги налути помалите од коалицијата на СДСМ.

– Одлуката Рамчиловиќ да биде потпретседател на Собранието е непринципиелна. Рамчиловиќ ја девалвира пратеничката функција. Не може пратеник кој во еден мандат сменил три партии да биде предложен за потпретседател на парламентот – ни изјави Ибрахим и додаде дека тоа е став на партијата.

Рамчиловиќ пратеничкиот мандат го освои настапувајќи во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Пред една година, поточно во време на гласањето на уставните измени за името, Рамчиловиќ беше исклучен од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и стана дел од групата на Независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, за од минатата недела да дејствува како независен пратеник.

Симптоматично е дека веднаш по дописот кој Рамчиловиќ го испратил до Џафери дека ќе дејствува како независен пратеник, пратениците од СДСМ и од ДУИ него го предложија за нов потпретседател на Собранието.

Потпретседателското место во Собранието се испразни откако Весел Мемеди од НДП се налути бидејќи при владината реконструкција му беше одземен ресорот локална самоуправа.

Забелешки за предлогот Рамчиловиќ да биде нов потпретседател на Собранието отворено има и од уште еден помал коалициски партнер на СДСМ, Самка Ибраимоски од Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), кој вели дека нема сила која ќе го натера да гласа.

– Како партија не го поддржуваме ваквиот предлог и а кога ќе дојде време за избор нема да гласам на седницата. И ние веќе го баравме потпретседателското место во Собранието, ниту ни беше кажано „не“ ниту, пак, ни беше потврено. Немаме проблем и да поддржиме некој друг за потпретседател, но тоа барем нека биде некој што е дел од Коалицијата, а не Рамчиловиќ – вели Ибраимоски за Плусинфо.

За изборот на Рамчиловиќ на новата функција пратениците требаше да гласаат како прва точка на вчерашната пленарна седница. Џафери без објаснување ја помести точката со образложение дека на неа ќе се навратат во текот на седницата.

Денеска Џафери ја продолжи собраниската седница, но досега Рамчиловиќ сѐ уште не е избран за потпретседател.

Иако пред два дена Плусинфо го праша, Рамчиловиќ и натаму молчи и не соопштува што било пресудно да ја напушти дружбата со Независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и да дејствува како независен.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...