Во Индексот на политики за мали и средни претпријатија на Европската унија државава бележи напредок во областа на иновациите, поедноставувањето на легислативата, поддршката на услугите и пристапот до финансии. Клучни слабости се нотирани кај небанкарското финансирање, процедурите за лиценци, постапките за стечај и претпримничкото учење и вештини.
– Нотирано е и дека програмите што ги спроведуваме преку Фондот за иновации и технолошки развој и Програмата за иновативност и за претпримеништво на Министерството за економија даваат резултати, но секако има делови каде треба да работиме уште повеќе, како што е областа на стечајот за што се работи на ново законско решение во соработка со Светска банка – изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши на презентацијата „Индексот на политики за МСП за Западен Балкан и Турција – проценка на имплементација на актот за мали бизниси“.
Во креирањето на владините политики, рече тој, се водиме од фактот дека малите бизнис се главни креатори на работни места и најплодна почва за материјализирање на идеите на претпримачите.
Според раководителот за соработка при Делегацијата на ЕУ во нашата држава Никола Бертолини, малите бизниси сѐ уште се попречувани во развојот.
– Бизнис средината за работата на малите и средни претпријатија сѐ уште е попречена од одредени фактори, како недоволен институционален капацитет на граѓанските судови за решавање на стопански спорови, нетранспарентна и честопати непредвидлива регулативна рамка и недоволно транспарентни и доследни инспекциски процедури. Тука е и товарот од парафискални наплати, значителениот неформален сектор кој создава неправична конкуренција за останатите, структурните проблеми во функционирањето на пазарот на труд. Ова се некои од предизвиците кои постојат, а генерално потребни се дополнителни напори за справување со корупцијата, да се подобри владеење на правото и да се зајакнат институците со цел да се промовира конкурентноста – рече Бертолини.
Во државава, како што укажа Бертолини, функционираат 55.000 мали и средни компании, кои обезбедуваат околу 77 проценти од вредноста на стопанството и подеднаква понуда на вработувања. Микро компаниите се одговорни за обезбедување на една третина од вработените од бизнис секторот.
Индексот на политики за мали и средни претпријатија се пресметува во рамки на Актот за мали бизниси што го усвои Европската комисија во јуни 2008 со десет принципи кои ја сочинуваат рамката на политики за мали и средни претпријатија.