И Холанѓанки раѓаат во охридската болница, ама татковците не носат мекици

Странците веќе не плаќаат неколкупати повисоки цени на услугите, туку трудниците коишто ќе се породат во охридската болница плаќаат како домашни неосигурени лица.

1689

Гинеколозите во охридската општа болница глава не креваат од работа, додека  јавното здравство во источниот дел од земјата мака мачи без доволно гинеколози. Освен од Охрид, Струга и пошироката околина, овие лекари специјалисти породуваат и трудници од Ресен, Дебар, но и од Скопје. Но сѐ почесто се случува тука на свет да дојдат и бебиња на мајки од Западна Европа – токму тоа ѝ се случило на една Холанѓанка која дошла да ги види убавините на Охрид, а дома се вратила со својата рожба.

– Ние сме четворица гинеколози, сосе началничката. Одделот од неодамна е засилен со нас, двајца лекари, кои на товар на државата завршивме петгодишна специјализација на Универзитетската Клиника за гинекологија во Скопје. Годишно кај нас се раѓаат од 500 до 550 бебиња, а имаме родилки и од другите градови во земјата – од Ресен, Дебар, но дури и од Струмица и од други градови од источниот дел на Македонија. Имаме и скопјанки кои се породиле кај нас, но и странкињи, Холанѓанка роди бебе во нашата болница во Охрид – вели д-р Горан Маркоски, гинеколог во болницата.

Директорката на оваа установа, Славица Малеска-Стојадиновиќ, вели дека здравствените услуги во целата болница, па и на овој оддел им се пружаат на сите пациенти кои таму ќе се обратат за помош.

– Ние сме отворена болница и нормално кој како ќе дојде, му се пружа здравствена услуга. Има и предвремени раѓања, а колку што ми е познато, досега не дошла поплака на сметка на вработените на одделот, туку само пофалби. Располагаме со добра опрема за гинекологија, ни фалат специјалисти, кои се сѐ уште на специјализација и ги очекуваме да се вратат и знаењето да го применат во нашата болница. Во случаи кога нема специјалисти, склучуваме договори за работа со други болници и не дозволуваме пациентите да останат без бараната здравствена услуга – вели Малеска-Стојадиновиќ, која е фармацевт.

Началничката на одделот за гинекологија и акушерство, д-р Мимоза Влаши, ни изјави дека во летниот период имаат двојно повеќе работа.

– Лете ни идат туристи од многу држави, плус од Македонија, а дел од нив стануваат и наши пациентки. Да, меѓу нив има и со предвремени породувања, а сите што ќе дојдат кај нас ги згрижуваме. Имаме и педијатри, а, за среќа, и доволно инкубатори, па предвреме родените бебиња ги сместуваме прво кај нас, а потоа, зависно во која недела се, ги упатуваме во терцијарна установа, на клиника, како што е според протоколот. Морам да признам дека лете е двојно понапорно отколку во другиот период од годината, поради зголемениот број туристи, но успеваме добро да се организираме и да ги прифатиме сите пациентки – додава д-р Влаши.

Таа појаснува дека странците веќе не плаќаат неколкупати повисоки цени на услугите, туку трудниците коишто ќе се породат во охридската болница плаќаат како домашни  неосигурени лица.

На прашањето носат ли и татковците од странство мекици за честење во болницата, како оние од Охрид и другите градови од земјава, кои дочекале сопругите, додека се на одмор, да се породат токму кај нив, началничката шеговито ни рече:

– Не уште, оние од странство се чини не знаат за тој обичај.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...