Според податоците на Светска банка, во 2017 година, последен податок, во шесте земји на Западниот Балкан на секои 1000 жители во просек има 28,4 мали и средни претпријатија (МСП). Претприемачкиот дух е најизразен во Србија, на илјада жители таму има 50,9 МСП, потоа е Црна Гора со 48,8, па нашата земја со 26,5 и следуваат Косово со 20,3, Албанија со 15,4 и Бих со 8,5 МСП.
Набљудувано секторски, во земјите од Западниот Балкан најголема е застапеноста на МСП во трговијата (од 28,2% во Србија до 50,6% во Црна Гора) и индустријата (од 12,1% во Црна Гора до 16,3% во БиХ).
Во рамки на регионот, учеството во вработените во МСП во вкупниот број вработени во поодделните земји од регионот се движи во распон од 63,9% во БиХ до 80% во Црна Гора. Учеството на извозот на МСП во вкупниот извоз на земјата варира од 31,6% во нашата земја до 97,3% во Косово.
Овие неколку податоци потврдуваат дека МСП се многу важни за секоја од економиите на Западниот Балкан и заслужуваат посебно внимание. Во тој контекст, Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), во соработка со Европската комисија, Европската банка за обнова и развој и Европската фондација за обука, изготвува посебен т.н. Индекс за политиките за МСП. Се работи за алатка за следење и оценка на напредокот во политиките што ги поддржуваат МСП. ОЕЦД го разви овој индекс во 2006 година и го користи за 4 региони, меѓу кои и регионот на Западен Балкан и Турција. Индексот треба да им овозможи на дизајнерите на економските политики, преку еден сеопфатен пристап, да стекнат увид, да ги оценат политиките насочени кон МСП и да ги прилагодат соодветно тие политики за усогласување со добрите практики на ОЕЦД и ЕУ.
Индексот анализира области на политиките за МСП коишто се потоа раздробени на подобласти и тематски блокови. Набљудувано во целина, за Западен Балкан индексот разгледува 10 области, 34 подобласти, 88 тематски блокови и за таа цел анализира повеќе од 700 индикатори, квантитативни и квалитативни. На пример, дел од областите се: оперативниот амбиент за МСП, јавните набавки, пристапот до финансиски средства, женското претприемништво, претприемачките вештини, политиката за иновации на МСП, интернационализацијата на МСП, итн. Наодите соодветно се оценуваат и тоа се прави на секои неколку години, од 2006 година наваму за Западниот Балкан оценувањето е правено пет пати, а најновиот извештај е објавен неодамна.
Тргајќи ја настрана Турција, која е само додадена на регионот, што покажаа најновите наоди на студијата на ОЕЦД и партнерите за малите и средни претпријатија од Западниот Балкан,? Земјите од регионот имаат добро развиени стратегии за МСП, имаат планови за нивна операционализација и работат според тие планови, што значи дека има добри институционални и регулаторни рамки за носење политики за МСП. Тоа е добра стартна точка. ОЕЦД и партнерите ценат дека во нашиот регион се поедноставени процесите за регистрација на МСП, дека се поедноставени и процедурите за јавните набавки за олеснето учество на МСП, како и дека е зголемен обемот на дигитални услуги од страна на јавниот сектор.
Наспроти тоа, се цени дека е потребно да се поедностават даночните прописи за МСП, треба да се подобрат претприемачките вештини, како и политиките за иновации на МСП. За последново, се сугерира дека имајќи ја предвид големината на економиите на Западен Балкан треба да се размислува регионално, со цел да се постигне поголема ефикасност на средствата што се користат.
Од десетте анализирани области, во Западниот Балкан Србија има најдобра оценка во дури седум области, а Црна Гора во три области. Нашата земја? Во следниот текст.