После повтореното судење во кумановскиот суд, градоначалникот Максим Димитриевски ја истера правдата за случајот од 5 април 2017 година, кога на семејна веселба беше физички нападнат од страна на алкохолизирани лица, а потоа наклеветен дека бил насилник.
ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот претседател на огранокот на партијата во Куманово, Драган Петковски, сега имаат обврска да му се извинат за нанесена клевета и навреда и воедно да му платат ни повеќе туку точно 1 денар отштета.
– Да, толку барав, еден денар, бидејќи нивниот збор не вреди ниту еден денар, а нивните дела прават голема штета. Се обидоа да ме дискредитираат и да ми го нарушат угледот и честа пред граѓаните во уште еден од многуте партиско-полициски монтирани постапки. Ме нарекоа насилник, криминалец, ме обвинија за настан во кој што и самиот Петковски не веруваше, но по партиска задача читаше напишан текст од кујната на МВРО. Срамно и безобразно продолжуваа со приказната, а сега ќе мора да се извинат, бидејќи вистината е една, а таа секогаш излегува на површина.
Секако, ќе го расчистам случајот до крај и одговорност и за насилниците, но пред сė за инволвираните од страна на МВР ќе има по сите основи – напиша Димитриевски на Фејсбук.
Инаку, правдата за Максо стаса по повтореното судење. Тој го доби и првиот процес, но Апелацискиот суд го врати на повторно судење.
– Кога правдата доаѓа не прашува во каква форма доаѓа, многупати е спора но секогаш е тука – пишува градоначалникот.
Зачести праксата навредени и наклеветени лица да тужат и да бараат отштета од само 1 денар, како симболичен материјален надомест за повредата на нивниот углед. Кумановскиот градоначалник вели дека сака да даде пример и за другите политичари, бидејќи за една јавна личност, подложна на јавни и понекогаш претерани критики, најважна сепак е моралната сатисфакција.