Макрон ќе објави одговор на барањата на „Жолтите елеци“

79
Фото: ЕПА / ETIENNE LAURENT/POOL

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска треба да ги објави првите мерки кои планира да ги преземе по националниот консултативен процес што го започна како одговор на движењето на „Жолтите елеци“.

Кабинетот на Макрон соопшти дека тој ќе и се обрати на нацијата во 20 часот по локално време. Центристичкиот претседател, кој сака да ги придобие медиумите, утре во Елисејската палата ќе одржи и прес-конференција за домашни прашања, што е реткост. Тој на оваа прес конференција, која ја одржува првпат од почетокот на неговиот петгодишен мандат во 2017 година, детално ќе ги објасни мерките кои вечерва ќе ги објави.

„Големата национална дебата“, која траеше од јануари до март, вклучуваше повеќе од 10.000 локални состаноци, како и 16.337 „книги за поплаки“ во градските собранија низ целата земја.

Повеќе од 500.000 луѓе дале предлози за политика и на Интернет страница креирана за оваа цел.

Премиерот Едуард Филип, како одговор на дебатата, вети намалување на даноците и јавните трошоци, но левичарската опозиција го обвини за партиска интерпретација на резултатите.

Движењето Жолти елеци првично беше против планираното зголемување на данокот на гориво, но покрена пошироки барања за пониски даноци, повисоки плати и подиректна демократија. Протестите секоја сабота ги одбележаа судири со полицијата во Париз и во други градови, а бројката на луѓето кои протестираат, според владини проценки, постепено падна од од 280.000 колку што учествуваа на првите протести во ноември, до 31.000 за време на викендот.

Фото: ЕПА / ETIENNE LAURENT/POOL

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...