Макрон попушта, Македонија можно е да ги почне преговорите во март

Францускиот шеф на државата е подготвен целосно да ги повлече резервите кон проширувањето на европското семејство доколку до крајот на месецов Европската комисија (ЕК) ја изработи новата методологија во која ќе бидат земени предвид неговите претходни забелешки, објави германската агенција ДПА.

6284

Полека омекнуваат ставовите на францускиот претседател Емануел Макрон околу проширувањето на Европската Унија, па голема е веројатноста тој да ѝ додели зелено светло на Македонија за почеток на преговорите со ЕУ уште во март годинава.

Вакви се оценките на германската агенција ДПА, која посочува дека францускиот шеф на државата е подготвен целосно да ги повлече резервите кон проширувањето на европското семејство доколку до крајот на месецов Европската комисија (ЕК) ја изработи новата методологија во која ќе бидат земени предвид неговите претходни забелешки.

– Знам каква важност му придавате на процесот на проширување и сакам заедно со вас да направиме мајскиот состанок во Загреб да биде момент на напредок за ЕУ. Но, претходно мораме да ја смениме парадигмата во однос на нашата последна расправа во Советот во октомври минатата година. Франција предложи нова методологија за процесот на проширување да не биде само технократски процес, туку вистински напреден и ревирзибилен политички пат – изјави Макрон по средбата со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Париз.

Пленковиќ, пак, веднаш го потсети францускиот претседател дека Македонија се согласила на промената на своето државно име со цел да напредува на патот кон ЕУ. Тој му дофрли дека воопшто не би било фер европската иднина на земјата да се доведува во прашање поради методологијата на преговорите.

Оптимистички пораки испратија и хрватските медиуми кои ја следеа посетата на Пленковиќ на Париз, а како што наведоа дел од нив, доколку се усвои новата методологија во текот на следниот месец, тогаш Македонија дефинитивно ќе ги започне преговорите со Унијата уште во март, пред одржувањето на Самитот во Загреб закажан во мај.

Денко Малески, прв министер за надворешни работи
Денко Малески, прв министер за надворешни работи

Првиот министер за надворешни работи, Денко Малески, во изјава за Плусинфо вели дека ситуацијата е многу деликатна, но дека сепак постојат шанси Македонија да се израдува на преговори со ЕУ уште во март годинава.

– Работата е дали некој од партнерите во ЕУ не ќе смета дека одлуката за почеток на преговорите претставува интервенција во претстојните парламентарни избори во Македонија, со што би ѝ се дало предност на партијата што ја води Зоран Заев. Се разбира дека ќе има и друга страна којашто ќе смета дека токму тоа треба да се направи, односно да се награди Македонија поради своето поведение и својата храброст. Од друга страна, пак, што се однесува на одлуката што би се донела по изборите, односно на мајскиот Самит во Загреб, сметам дека постојат многу поволни сигнали за нашата земја. Со други зборови, ако не се израдуваме во март, тогаш најверојатно ќе се израдуваме во мај – објаснува Малески.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...