“Макрон е против членството на Западен Балкан во ЕУ“, “Макрон не ги сака Србија и Македонија во ЕУ“,“Макрон е против проширувањето на ЕУ“… тоа беа главните наслови низ балканските медиуми и социјални мрежи по големиот говор на новата европска ѕвезда, францускиот председател Емануел Макрон пред европратениците во Стразбур (17 април). Како да се протолкуваат пораките од неговиот говор? Дали навистина Макрон е против проширувањето на ЕУ? Кои фактори го зголемија скептицизмот на Французот кон европеизацијата на Балканот? Дали тој навистина е против членството на балканските аспиранти во ЕУ? Објаснувањата на дилемите можат да се лоцираат на најмалку три нивоа. Првото ниво дилеми произлегуваат од скептицизмот на политичките опоненти на Макрон во Франција. Второто ниво експликации потекнуваат од односот на силите во ЕУ, додека трето ниво дилеми се резултат од дефицитарниот степен на демократијата, организираниот криминал, загрозеното владеење на правото, контролата на медиумите, афирмацијата на популизмот, авторитаризмот и синдромот „Орбан“ на Балканот, односно незадоволителното ниво на реформите во државите аспиранти.
Во Франција го критикуваат дека е за проширувањето на ЕУ
Лорен Вокие е Председател на Републиканците, најголемата опозициона партија на Франција и остро ја критикува европската политика на Макрон. „Макрон е федералист и технократ, кој настојува да создаде дванаесет нови европски институции. Патем е за проширувањето на ЕУ кон државите на Балканот“. Вокие го парафразира говорот на Макрон од Трст (12 јули 2017) каде Макрон се заложи „Европската Унија да се отвори кон државите на Западен Балкан“. „Дали сметате дека треба да ги затвориме очите кон тој чин? Зарем не сфаќате дека токму проширувањето ја уништи ЕУ“. Според Вокие идните европски избори ќе бидат еден вид „референдум меѓу оние што се за листата на Макрон која е за Балканските аспиранти и оние кои се за зачувување на ЕУ“. Меѓутоа сондажите покажуваат дека, Републиканците достигаат едвај 12 отсто од довербата на Французите, додека популарноста на Макрон достига фантастични 36 отсто од гласовите во првиот круг на гласање. Сепак, рафинираниот дух во земјата на камамберот и Бордо-Медок, не би бил афтентичен доколку се помири со индиферентноста кон својот председател. „Емануел Макрон – е Председател кој глуми Председател“ истакнува воведникот на порталот Contrpoints. „Тој намерно инсистира на деликатен декор, соодветен костум, се качува на сцената ја одигрува сопствената улога- и притоа настојува да одглуми оригинална улогата која дотогаш никој не ја играл. Тој ужива во таквата ролја…“. На недоамнешниот интервју посветен на интервенцијата во Сирија, Макрон беше седнат зад бирото, а во позадина низ големиот прозор се гледаше Ајфеловата кула. Во декорот украсен со најголемиот француски симбол, триумфално изјавува: „Јас ги убедив САД да останат во Сирија, иако претходно Трамп најави дека ке ги повлече маринците…“, патем се пофали дека успеал да ја отргне Турција од прегратките на Русија. Можеби во релацијата Москва-Истамбул може да се протолкува и позицијата на Макрон кон Балканските држави. На долгиот говор одржан пред студентите на Универзитетот Сорбона, на 26 септември 2017, во однос на проширувањето на ЕУ Макрон истакна: „Кога тие (балканските држави) целосно ќе ги исполнат европските достигнувања (les acquis) и демократските стандарди, ЕУ ќе се отвори кон Балканските држави“. Се доби впечаток дека оваа порака повеќе е упатена кон домашното јавно мислење и критичарите на „европеизацијата на Балканот“.
Европски работи
На неодамнешниот настап пред европратениците во Старзбург, председателот Макрон го повтори „сувиот однос“ кон балканските аспиранти. Председателот на европската комисија Жан Клод Јункер, покажа поголемо разбирање за Западен Балкан. Тој инсистираше на проширувањето кон Балканот аргументирајќи дека „доколку не се отвориме кон овие држави со мошне сложена и трагична историја, ќе им се повтори трагедијата од деведесетите..“. Одговарајки му на Јункер, председателот Макрон истакна дека „посакува Балканот да стане дел од ЕУ за да не инклинира кон Турција и Русија…“. При тоа проширувањето го услови со унапредувањето на реформите на аспирантите, но и на самата ЕУ “…Ќе го подржам проширувањето само доколку го продлабочиме проектот за Европа“. Со други зборови, можеби, балканските држави се трудат во нивните реформи, но за да станат членки на ЕУ и таа треба да се подготви. Во овој миг ЕУ не е подготвена за прием на нови членки. Таквата логика ме потсети на 2005 година, кога тогашниот американски лобист за членство на РМ во НАТО, Брус Џексон, ја убедуваше македонската дипломатија дека, со сигурност РМ ќе добие покана за членство на предстојаниот Самит на Алијансата во Истанбул 2006. Кога овие информации му беа пренесени на тогашниот американски амбасадор во НАТО, Николас Барнс, помалку иронично запраша „Вие повеќе ми верувате на мене и на американската дипломатија или на Брус Џексон кој е лобист и се представува самиот себе? Можеби Македонија е подготвена за членство во НАТО, но во овој миг НАТО не е подготвен за нови членки“. Две години подоцна Алијансата покажа подготвеност за ново проширување. Да се надеваме дека според оваа логика и ЕУ за 4-5 години ќе биде подготвена за новиот бран проширувања.
Балкански состојби
Колку ние Балканците заслужуваме да се најдеме во одбраното друштво на ЕУ? Сте се запрашале ли како делуваа сликите од настаните на 27 април 2017 врз еврократите и јавното мислење на еропските држави? На какви рефлексии наидуваа апсењата и мистериозните несреќи на новинарите, контролата на медиумите, немоќта на судската власт, недостатокот на контролата врз извршната власт, организираниот криминал и корупцијата, аферите за прислушувањата. Во Македонија тоа се случуваше со години. Што би помислил европскиот гласач, аналитичар или новинар за национализмот и трдоглавоста на Иванов, за настаните од 27 април и шокантните слики на раскрвавениот премиер Заев, полуживиот Села, агресивната толпа која напаѓа избраници на народот… А од тогаш изминаа само дванаесет месеци. Состојбата со слободата на медиумите, со механизмот на кочница и рамнотежа врз извршната власт, владеењето на правото не е порозева ниту во соседните Србија, Албанија или Црна Гора. Замислете го европскиот турист, деловен човек, или архитектит и на нивата реакција кога ќе го посетат супер-кич проектот „Скопје 2014“, заедно со дериватите „Воин на коњ“, „Олимпија и Филип“, „Прометеј со гаќи“, стотиците аматерски нелогични споменици… Приказната се повторува и во соседна Србија, каде медиумите се под контрола на председателот Вучиќ кој патем е заговореник на проектот „Београд на вода“ како и изградбата на 54 фонтани. Владеењето на правото е мислена именка на Балканот и во останатите држави-аспиранти за членство во ЕУ. Таквиот Балкан, Макрон но и други европски лидери не сакаат да го гледа во Брисел и уште помалку во институциите на ЕУ. Олеснителна околност за нас Балканците е што во услови на дефицитарна демократија, геополитиката на Балканот прераснува во сериозен аргумент за европеизација на регионот.
Два дена по говорот во Стразбур, Макрон замина на средба во Берлин за да ја убедува скептичната канцеларка Меркел во неговиот проект за реформа на евро-зоната и останатите реформи за кои ќе се дискутира на следната средба на Советот на ЕУ на 28/29 јуни. Макрон побара создавање на нов буџет на ЕУ наменет за инвестиции и креација на Министерство за финансии, што не е прифатливо за Германија. На пресот кој се одржа во зградата на Форумот Хумболд која е на изградба, Макрон инсистираше на поимот „солидарност“. „На економски и монетарен план мораме подобро да ги артикулираме одговорностите и солидарноста“. На оваа порака се спротистави Меркел: „Се согласивме дека постои потреба од солидарност во Европа, но неопходни се националните напори и компетативноста…“. Евидентно дека и Ангела Меркел е под големи притисоци особено на евроскептичната екстремна десница, но и на духот на поранешниот министер за финансии, Шојбле. Патем, Меркел е за проширувањето на ЕУ. Слично на нејзиниот француски партнер, инсистира на реформите на аспирантите, но и на дискреацијата. Европската француско-германска оска беше француски проект, во времето кога Германија беше политичко џуџе. Денес Германија е и економски и политички европски џин. Изгледа дека се потврдува максимата на Хенри Кисинѓер за Германија: „Германија е премногу голема за Европа а премногу мала за светот“.