Почеток на враќање на француското влијание во Србија и во регионот е главна карактеристика на дводневната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Белград. Во фокусот на разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ беа економските и политичките теми, пред се косовското прашање и евроинтеграциите на Србија.
Во поглед на евроинтеграциите на Србија, а со тоа и земјите во регионот, Макрон изјави дека паралелно се реформите кои Србија треба да ги спроведе на европскиот пат, и ЕУ мора да се реформира за да биде подготвена да ја прими Србија.
Тој додаде дека не постои прецизен датум за влез во ЕУ, се додека Европа не се реформира.
-Ова е процес во кој треба да се спроведат реформите и кога тие ќе се спроведат, може да кажеме дека тогаш завршивме со таа етапа. Колку побргу реформи, толку побргу ќе се завршат етапите – кажа францускиот претседател.
– Потребно е да имаме два правца по кои треба одлучно да работиме. Европа не е бирократски процес. Не е само извештај….не е добро Србија пребргу да влезе во ЕУ – оцени Макрон.
За разлика од него српскиот претседател изјави дека го сфатил ова излагање на Макрон за евроинтеграциите, дека се работи за два паралелни процеса. Еден е процесот на приближување на Европа, решавање на проблемот со Приштина, реформи во сектрорт на правото и други неопходни реформи, кои Србија веќе ги спроведува.
Вучиќ наведе и дека со Макрон разговарал „за она што се случи во Берлин и за она што не се случило во Париз.“
Во поглед на косовскиот дијалог, францускиот претседател истакна дека Франција го поддржува дијалогот, преку постигнување компромисно решение и со голема поддршка и посредување на ЕУ.
Тој порача дека наскоро со германската канцеларка Ангела Меркел ќе иницира нов состанок со српскиот претседател Александар Вучиќ и со косовските власти.
Србија и Франција потпишаа повеќе договори, меѓу кои е и договорот за набавка на ракетниот систем Мистрал, или вкупно 18 единици на тој систем со вкупно 50 ракети, а водени се и разговори за француското учество во изградбата на белградското метро.
Фото: EPA/ANDREJ CUKIC